Градоначалникот на полскиот град Гдањск, Павел Адамович, кој синоќа е избоден со нож додека стоеше на бина за време на хуманитарен собир, е во тешка здравствена состојба.
Полскиот претседател Анджеј Дуда изјави дека „лекарите успеале да го реанимираат срцето на тешко повредениот градоначалник Адамович и оти постои надеж, но оти неговата состојба е многу тешка“.
Според полската телевизија ТВН, 27-годишниот маж кој е осомничен за нападот од бината извикал дека невин лежел во затвор додека на власт била партијата „Граѓанска платформа“, чиј член претходно беше Адамович.
Адамович, кој е градоначалник на Гдањск од 1998 година, бил реанирмиран на самото место и пренесен во блиската болница каде бил подложен на петчасовна операција. Лекарите ја опишаа неговата состојба како “критична” и “сериозна”.
Еден од хирурзите, д-р Томаш Стефаниак, рече дека Адамович има “сериозна повреда на срцето, на дијафрагмата и на внатрешните органи” и дека му била потребна огромна количнина крв. Денеска во Гдањске организирана акција за дарување крв за Адамович, а најавен е и митинг против насилството.
Адамович е моќен либерален глас во земја каде на власт е десничарската партија Право и правда од 2015 година. Тој во Полска и на меѓународно ниво е познат како поддржувач на ЛГБТ правата и правата на мигрантите и бегалците во време на засилување на анти-мигрантски повици.
-Јас сум европеец, па мојата природа треба да биде отворена”, изјави Адамович за Гардијан во 2016 година. “Гдањск е пристаниште и секогаш мора да биде засолниште на сите што доаѓаат од морето”.







