Градоначалникот на општина Центар и советниците од “Сојузот за иднината“ денеска на прес конференција ја соопштија радосната вест дека со неизгласувањето на трите ДУП-ови се спречи барокното обезличување на репрезентите на современата македонска архитектура – ГТЦ и зградата на ЕВН.
“Успеавме да ги спасиме ЕВН и ГТЦ. Објектот на ГТЦ е изграден по конкурс на југословенско ниво како првонаграден проект, добитник е на националната награда “11 октомври“ и добитник на највисоко југословенско архитектонско признание. Зградата на ЕВН е претставник на “Ѕид завеса“ – правец во архитектурата“, рече градоначалникот на општина Центар, Жерновски.
Борбата што градоначалникот Жерновски заедно со советниците од “Сојузот за иднината“ со централната власт е борба против барокното обезличување и ги покажува спротивставените мислења за тоа како треба да изгледа општина Центар.

И покрај сите притисоци, со гласовите на советниците од “Сојузот за иднината“, ДУП-овите за Капиштец со делови од Старо Долно Водно, за Тасино Чешмиче и Мал Ринг не се изгласаа.
“Сакам да им се заблагодарам на сите граѓани со кои се собиравме за да го одбраниме идентитетот на ГТЦ. Заедно го гушнавме ГТЦ. Сакам да му се заблагодарам и на претседателот на Советот на општина Центар, Мирослав Шиповиќ со чиј глас успеавме да го спречиме носењето на овие ДУП-ови. Го чекаме Шиповиќ да се врати и да ја продолжиме борбата со се’ што сакаат да прават и прават на територија на општина Центар“, рече Жерновски.
Жерновски одговарајќи на новинарско прашање посочи дека Владата на РМ сака тивко да донесе измени во законот за просторно и урбанистичко планирање со кои на општините ќе им се наложи да ги донесат ДУП-овите кои тие сакаат. Сосема е јасно, вели Жерновски, дека ова се однесува на општина Центар, но со оваа процедура не можат да добијат дозвола и не можат да ја продолжат процедурата за ГТЦ и ЕВН.
Новинарите се интересираа и за судбината на шпанските скали по завршената лицитација.
“Популистичкото инсистирање на власта го разбирам и веќе се навикнав. Повторно ќе кажам дека “Шпанските скали“ се надвор од градежните линии и инвеститорот треба да знае дека не може да добие основа од општина Центар. Скалите се надвор од маркиците што значи дека не може да се градат“, изјави Жерновски.




