Политиката на САД сериозно го дестабилизира Балканот, а Русија ќе продолжи со воено-техничката соработка со Србија, изјави рускиот претседател Владимир Путин пред утрешната посета на Белград, во интервјуто за весниците „Политика“ и „Вечерни новости“.
Рускиот претседател одговарајќи на забелешките на западните аналитичари за дестабилирачката улога на Русија на Балканот, рече дека во однос на Македонија, постои силен надворешен притисок за зачленувањето на Македонија во НАТО.
– Кога зборуваме за ситуацијата на Балканот, сериозен дестабилизирачки фактор тука преставува политиката на САД и на некои западни земји, чија цел е зајакнување на нивната доминација во регионот. Уште во 1999 година, силите на НАТО без санкција на ОН два и пол месеци ја бомбардираа Југославија, а потоа насилно ја одделија автономната покраина Косово. Во 2008 година, Вашингтон и неговите сојузници го подржаа нелегитимното прогласување на независноста на Косово. Во 2017 година, и покрај ставот на половина од населението, Црна Гора беше вовлечена во НАТО. Беа исплашени од референдумот за ова прашање и како резултат на тоа, земјата сега минува низ период на политичка нестабилност, вели Путин.
Минатата година, вели Путин, „поради форсираното зачленување во НАТО на Република Македонија, беше дури покренат и процесот на усвојување на уставните амандмани и промена на името на државата, ревизија на основите на македонскиот национален идентитет“.
– При тоа, беше игнорирана волјата на македонските гласачи – референдумот за промена на државното име не успеа, но надворешниот притисок продолжи. Руската Федерација, знаејќи и разбирајќи ја комплексноста на Балканот и историјата на тој регион, секогаш го сметаше за простор за конструктивна соработка. Денес Русија на Балканот има многу пријатели, меѓу кои посебно место го зазема стратешкиот партнер -Србија. Затоа, помагањето и зајакнување на регионалната безбедност и стабилност е нашиот безусловен приоритет, истакна Путин.
Рускиот претседател во интервјуто за двата весници пред утрешната посета на Белград, повторува дека курсот за проширување на НАТО е наследство на Студената војна и дека тоа е погрешна и деструктивна воено-политичка стратегија.
– Денес, Алијансата се обидува да го засили своето присуство на Балканот. Но, со ова само ги обновува линиите на поделба на европскиот континент и грубо го нарушува принципот на неделивост на безбедноста. Сето ова, на крајот на краиштата, не води кон зајакнување на стабилноста, туку до намалување на довербата и зголемување на напнатоста во Европа, вели рускиот претседател.




