Грчкиот премиер Алексис Ципрас, говорејќи на расправата во грчкиот Парламент, кусо пред гласањето доверба, ги извести пратениците дека Грција ја примила Вербалната нота од македонското МНР во која се соопштува дека се исполнети обврските согласно Договорот од Преспа, јави МИА од Атина.

Претседателот на најголемата грчка опозициска партија Нова демократија Киријакос Мицотакис, во неговиот говор рече дека тој што гласа „за”, го отвора пат за наводниот македонски идентитет и јазик за соседите, како што предвидува Договорот од Преспа.
Мицотакис му се обрати на Ципрас „да ги заборави експресните процедури и тајните методологии за да го помине штетниот Договор од Преспа”.
Ципрас му се обрати на Мицотакис и рече дека во добиениот текст, „соседите освен што известуваат, имаат и толкувачка изјава“, односно дека се појаснуваат деловите поврзани со јазикот и државјанството.
-Што појаснуваат нашите соседи во овој текст што е правно обврзувачки и ги повторува обврските што произлегуваат од договорот? Прво, дека терминот nationality се однесува исклучиво на државјанството и не го дефинира или сугерира прашањето на националноста. И второ, дека јазикот на нашите соседи, како што е споменато во Договорот и е признат на конференцијата на ОН во 1977 година, припаѓа на групата јужнословенски јазици, рече Ципрас.
На барањето од Мицтакис, Договорот од Преспа да не се носи по брза постапка во Парламентот, Ципрас рече дека ќе има доволно време, иако за конкретното прашање веќе една година се дискутира, а воедно го повика и на ТВ дуел.
-Јас вторпат ве предизвикувам и ве поканувам, дојдете и овде во Парламентот и на еден телевизиски дијалог за Договорот од Преспа, да ни кажете кои се тие аргументи што ги имате, му порача Ципрас на Мицотакис.
По добиената доверба, следен е кон Договорот
На синоќешното гласање доверба во грчкиот Парламент, Алексис Ципрас со 151 гласа „за“, доби поддршка за неговата влада. Од пратениците, 148 гласаа „против“, а еден беше отсутен.
Гласањето помина како што беше очекувано и најавувано. За доверба на владата, освен 145те пратеници од СИРИЗА, гласаа четворица независни пратеници и двајца од Независни Грци, односно владата ја поддржаа: министерката за туризам, Елена Кундура, заменик министерот за земјоделство, Василис Кокалис, кои до неодамна беа дел од Независни Грци, заменик министерката за цивилна за заштита, Катерина Папакоста, која е независен пратеник, пратениците од Независни Грци, Костас Зурарис и Танасис Папахристопулос, и сега веќе независниот пратеник, а до завчера член на Река, Спирос Данелис.
Сите пратеници од опозициските партии, Нова демократија, Движење на промена, Златна зора, Река, Сојуз на централисти, Комунистичката партија на Грција, гласаа против.
Од Независни Грци, со исклучок на Зурарис и Папахристопулос, останатите членови на пратеничката група беа против доверба на владата.
По завршувањето на гласањето, грчкиот премиер во изјава за медиумите рече дека владата со добиената доверба ќе го заврши четиригодишниот мандат со едниствен критериум интересите и потребите на грчкиот народ.
На дводневната расправа во парламентот за обновување на довербата на владата, се обратија лидерите на политичките партии и грчкиот премиер, како на почетокот на седницата, така и на крајот. Жестоката дискусија се водеше и во однос на економијата, но и во однос на Договорот од Преспа.
Министрите од владата, како и пратениците од владејачката СИРИЗА, секој со свои аргументи цврсто го поддржаа решението меѓу Македонија и Грција, говореа зошто е корисен Договорот од Преспа, но и зошто владата треба да добие доверба и да го заврши четиригодишниот мандат.
Спротивно на нив, лидерите на опозициските партии, како и нивните лидери и пратеници, образложија зошто не ја поддржуваат владата, но и Договорот од Преспа, а повеќето од нив, рекоа дека во овој момент единственото и најдобро решение за земјата е распишување парламентарни избори.




