Претседателот на Државната изборна комисија Борис Кондарко поднесе оставка и барањето е веќе доставено до Парламентот, потврдуваат за НОВА извори од ДИК.
Во оставката тој бара да биде разрешен на наредната собраниска седница. Првата наредна седница на Собранието е закажана за в понеделник 21 октомври.
Како што е наведено во соопштението од Кондарко, тој бара престанок на функцијата пред истекот на мандатот и тоа да биде констатирано согласно одредбите од Изборниот законик на првата наредна седница.
„Сметам дека дадов свој придонес во работата на Државната изборна комисија, а оставката ја поднесувам заради лични причини“, пишува во образложението на Кондарко.
Борис Кондарко е претседател на ДИК на предлог на опозициската СДСМ.
Во последното јавно интервју претседателот на СДСМ, Зоран Заев ја најави оставката на претседателот на ДИК, Кондарко. Причините кои ги изнесе Заев се неможноста да делува на вистинско прочистување на избирачкиот список.
„Не може да носите вина. Министерството за внатрешни работи го комплетира избирачкиот список“, рече Заев.
На сите три барања на Кодарко да добие одговор од МВР како тоа 80 лица добиле лични карти на иста адреса, не добивме одговор, потенцираше Заев, прашан за гласачите од Пустец на локалните избори годинава.




