СДСМ бара погазувањето на уставното начело на презумпција на невиност да биде внесено како точка на дневен ред на седница на Собранието на Република Македонија.
Пратеничката група на СДСМ поднесе Информација за активностите на Владата и владините органи на Република Македонија за погазување на уставното начело на презумпција на невиност, како резултат на што Република Македонија станува држава на политички прогон и политички затвореници, соопшти пред новинарите пратеничката Ана Павловска Данева.
„Република Македонија, под раководство на Никола Груевски, се’ повеќе заличува на држава во која се спроведува политички прогон и политички монтирани апсења на неистомислениците на власта. Притоа, притворот, неговата несоодветна примена и неразумна должина на траење, стануваат главна алатка во рацете на власта“, истакна Данева.
– Според повеќето релевантни извештаи на меѓународни организации и влади кои ја третираат Република Македонија, постојат сериозни индикации и фактографија дека судската власт е длабоко срасната со извршната власт.
– Долг е списокот на (сега веќе евидентни) политички затвореници со кои власта на најдрзок начин се пресметуваше и се пресметува. Апсењето на Велија Рамковски и подоцнежното затварање на А1 телевизија, апсењето на Љубе Бошковски заради неговите силни критики кон власта, нелогично долгиот притвор на новинарот Томислав Кежаровски (единствен ваков случај во поновата европска историја), апсењето па ослободителната пресуда на Душко Илиевски (лажно осомничен за производство на дрога заради неговите критики кон власта) и уште десетина други случаи ја ставаат Македонија на ѕидот на срамот на влади кои се пресметуваат со политичките опоненти, потесети Данева.
Случајот “Претседавач“ е последниот во низата такви случаи. Мирослав Шиповиќ, и покрај експлицитно искажаната волја (по најавата за негово апсење) дека веднаш се враќа во Македонија, и иако истрагата е завршена, а доказите и сведоците се обезбедени со што притворот станува бесмислен, веќе е “осуден“ во јавноста.
СДСМ бара Собранието на Република Македонија да расправа по оваа Информација и да донесе соодветни заклучоци.




