Претседателот на Собранието Талат Џафери ќе го објави огласот за избор на нов состав на антикорупциската комисија откако претседателот на државата Ѓорѓе Иванов ќе го потпише новиот Закон за спречување на корупцијата и судир на интереси, кој вчера беше усвоен едногласно.
Во меѓувреме, Комисијата за избори и именувања ќе треба да ги избере членовите на комисијата која ќе врши селекција на кандидатите. Во оваа комисија ќе членуваат по двајца пратеници од власта и од опозицијата, двајца претставници на телата за соработка помеѓу Владата со здруженија и со фондации и со граѓанскиот сектор и еден член на предлог на Народниот правобранител.
„Новата процедура за избор на членови ќе биде покомплицирана, затоа што ќе треба да имаме јасно пропишани критериуми од страна на претседателот на Собранието и јасно пропишани рокови кои заради одржување на претседателските избори ќе бидат прилично стеснети“ рече Илија Димовски, претседател на Комисијата за избори и именувања.
Роковите за избор на првиот состав на антикорупциската комисија според новиот Закон ќе треба да се скратат поради одржувањето на претседателските избори. Новиот Закон пропишува дека кандидатите за членови на антикорупциската комисија ќе треба да имаат интервјуа кои ќе бидат директно пренесувани на телевизија. Интервјуата ќе ги водат претставници од МАНУ, од Интерпарламентарната унија, здруженија на граѓани кои се занимаваат со антикорупција и ќе се пријават да бидат дел од процесот на јавни интервјуа.
Новиот Закон за спречување на корупцијата предвидува за претседател и членови на ДКСК да не може да биде избрано лице кое во последните 10 години било донатор на политичка партија, пратеник или член на Влада. Исто така новите членови мораат да имаат шестгодишно работно искуство во областите на откривање или спречување на корупцијата, владеење на правото.
Познат е профилот на идните членови на Антикорупциската комисија
Изгласан Законот за спречување на корупција – чекор поблиску до силна ДКСК




