Политичката партија СДСМ не престанува со притисокот врз судството и судските органи. Тие и по цена на девалвирање на институциите и законските постапки, продолжуваат да се однесуваат неодговорно само за да го заштитат високиот партиски функционер Мирослав Шиповиќ, реагира ВМРО – ДПМНЕ.
Според нив иницијативата на СДСМ е скандалозна и претставува директно мешање на законодавната власт во работата на судската власт. Дотолку повеќе што ваквата иницијатива ја промовира универзитетскиот професор Ана Павловска Данева, со што покажува елементарно непочитување на основните уставни начела во Република Македонија. Очигледно СДСМ е подготвена да ги гази законите и Уставот во Република Македонија само за да заштитува лица за кои постојат основани сомневања дека сториле криминал.
Дополнително, СДСМ ваквите притисоци врз судската власт ги прави без исклучок за случаи каде што обвинети или осудени се лица, кои се дел од нивното раководство, но не и за било кој друг граѓанин, велат до ВМРО – ДПМНЕ.




