Казни од 1.000 до 15.000 евра ќе плаќаат фирмите, но и државните институции кои нема да го почитуваат Законот за финансиска дисциплина кој наложува обврските да се плаќаат во рок од 60 дена.
Законот кој ќе започне да се применува од почетокот на идната година предвидува казни и за одговорните луѓе во компаниите и субјектите од јавниот сектор од 200 до 1.500 евра.
Според Законот за финансиска дисциплина надзорот за зделките во кои што вклучена државата ќе го врши Министерството за финансии, а непочитувањето на законските рокови за плаќање помеѓу приватните компании ќе го санкционира прекршочната комисија на Управата за јавни приходи.
Според нацрт верзијата на овој закон кој што треба да ја подобри ликвидноста во економијата, постои можност компаниите да го избегнат законскиот рок за плаќање од 60 дена, со тоа што писмено ќе се договорат плаќањето да се изврши во подолг рок, но не за повеќе од 120 дена.
Оваа можност не и е дадена на државата и нејзините институции, но во јавниот сектор рокот од 60 дена може да се пролонгира доколку станува збор за повеќе годишна јавна набавка. Доколку, во договорот не е наведен рок на плаќање, според законот обврските ќе треба да се платат за 30 дена.
-Законот за финансиска дисциплина ќе се однесува на регулирање на обврските меѓу приватните субјекти со рокови за плаќање на обврските со цел да се знае кога ќе потпишат договор дека обврската ќе се реализира во рок од 60 дена, освен доколку двете странки не се договорат поинаку, тогаш може да биде максимално до 120 дена. Но, исто таква одредба ќе има помеѓу државните институции и приватните, значи 60 односно 120 дена за плаќање, изјави вицепремиерот Зоран Старески.




