Поранешниот бугарски претседател Росен Плевнелев вели дека храбороста на македонскиот и грчкиот премиер Зоран Заев и Алексис Ципрас за решавање на 27-годишниот спор е значајна не само за двете земји, туку и за целиот регион, поради што ќе бидат номинирани за Нобелова награда.
-Договорот од Преспа за промена на името на Македонија има историска важност не само за двете земји, туку и за целиот регион на Западен Балкан. Храброста на грчкиот премиер Алексис Ципрас и неговиот македонски колега Зоран Заев е достојна за восхит. Групата „Пријатели на Македонија“, заедно со европратеници ќе предложи кандидатура на премиерите за Нобелова награда, вели поранешниот претседател на Бугарија и член на консултативниот совет на Националниот стратешки институт на Кина при Универзитетот Синхуа.
Тој, на обраќањето на панелот „Светот е бизнис“ на светскиот економски форум во Давос, кое го пренесува BloombergTV Bugarija, потенцира дека кога две држави кои имале сериозни несогласувања во минатото си подадат рака и секоја една од нив отстапи за да има полза, добива целиот Балкан и додава дека патот кон просперитет во регионот минува преку такви дејства.
И шефот на пратеничката група на социјалдемократите во Еврпопскиот парламент, Удо Булман,
смета дека македонскиот премиер Зоран Заев и неговиот грчки колега Алексис Ципрас би требало да добијат Нобелова награда за мир.
-На Зоран Заев и Алексис Ципрас им успеа она во што не успеаја многу други во изминатите речиси три децении – тие конечно му ставија крај на огорчениот спор за името помеѓу Скопје и Атина и со тоа испишаа историја, изјави Булман за германската агенција ДПА, пренесува Дојче Веле.
-Тие не потклекнаа под притисокот на оние кои копнеат по стари национализми, туку дејствуваа во најдобар долгорочен интерес на своите земји и на Европа. Токму во времиња на популизам, во кои агендата често е диктирана од краткорочни добивки, ова е доказ за вистинска политичка големина, оцени Булман.
Добитничката на Нобеловата награда за мир во 2015 година, Уидед Бушамауи, во декември минатата година, во Скопје објави дека Заев и Ципрас се номинирани за Нобеловата награда за мир за Договорот.





