Биљана Јовановиќ сестра на починатиот Славчо Петров, за НОВА ја раскажа својата приказна и предупреди, луѓето да не веруваат на шарлатани и надрилекари како Петровиќ, кој се преставува како лекар и има Центар за природна медицина во село близу Лесковац
31 годишниот Славчо Петров од Велес почина на 7 јануари годинава, откако претходно цела година се лекувал според советите на Мирољуб Петровиќ, надрилекар од Лесковац-Србија кој за себе вели дека нуди спас со помош на тинктури и молитви и дека не постои болест која не може да ја излекува.
Славчо имал бенигнен тумор на мозокот кој му бил откриен во март минатата година и тоа на малку пристапно место во мозокот од што имал епилептични напади. Лекарите препорачале следење на состојбата, но како зачестиле епилептичните напади семејството помош побарало кај Мирољуб Петровиќ, кој води силна кампања против класичната медицина и јавно зборува против вакцинација.
По смртта на момчето, случајот излезе во српските медиуми по што Основното јавно обвинителство во Лесковац покрена истрага против Петровиќ, а полицијата работи на расветлување на случајот.
Биљана Јовановиќ сестра на починатиот Славчо Петров, за НОВА ја раскажа својата приказна и предупреди, луѓето да не веруваат на шарлатани и надрилекари како Петровиќ, кој се преставува како лекар и има Центар за природна медицина во село близу Лесковац.
Петровиќ ја наплатувал секоја тинктура(концентрат од билки) препорачувала молитва и здрав начин на живот, а им велел дека во телото на младото момче има демони кои треба да се истераат бидејќи тие биле причината за епилептичните напади. Според сестрата на починатиот Славчо, Петровиќ на момчето му забранил да ги прима лековите и не дозволувал да консултира лекари. Славчо останал и неколку дена во неговиот Центар за природна медицина, каде еден ден престој ги чинел 120 евра. Лекувањето се состоело во шетање, вежбање, примање тинктури и молитви.
Откако излезе скандалот во јавноста, Петровиќ настапи агресивно во медиумите, негираше дека го лекувал, дека никогаш не го видел Славчо туку тоа го правел негов студент, а барал да му се извини сестрата на починатото момче и преку меилови се заканувал со крвна освета.
Биљана го изгуби својот брат слепо верувајќи на овој човек. Таа сега очекува надлежните институции во Србија да го расветлат случајот и да добие правна разрешница.