Во најновиот извештај на Фридом хаус „Слободата во светот 2019“ Македонија и натаму се наоѓа во групата делумно слободни земји.
Во извештајот за 2019 година, Македонија, на скала од еден до седум, каде еден е најслободна, а седум најмалку слободна, е оценета со 3, додека според политичките права со 4, а според граѓанските слободи со 3,5.
Со вкупен скор од 59 поени Македонија годинава се наоѓа во друштво на земји како Украина, Молдавија, Црна Гора, Косово и Мадагаскар.
Во однос на политичките права и граѓанските слободи Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Хрватска бележат одредено назадување во однос на минатата година, додека мал напредок има во Македонија и Косово. Во Албанија состојбата останува непроменета.
Од регионот како слободна земја се оценети Хрватска, Грција, Бугарија и Романија, додека како делумно слободна се Србија, Црна Гора Косово, Албанија и Босна и Херцеговина.
Србија падна од групата слободни во делумно слободни земји поради изборните нерегуларности, правните малтретирање и кампањата против независните новинари, како и де факто акумулирање на екстра институционалните овластувања на претседателот Александар Вучиќ.
Унгарија исто така падна од групата слободни во делумно слободни поради постојаните напади врз демократските институции на земјата од страна на партијата Фидес на премиерот Виктор Орбан, влијаејќи врз медиумите, верските групи, академијата, невладините организации, судовите и приватниот сектор.
Во групата слободни земји од регионот се Бугарија, Хрватска и Романија.
Од 196 држави во светот опфатени со извештајот, 86 се слободни, 59 се делумно слободни, а 50 не се слободни. Наслободни држави се Норвешка, Шведска, Финска, Канада и Холандија, а најмалку слободни се Сирија, Туркменистан, Еритреја, Јужен Судат и Северна Кореја.
Наскоро се очекува подетален извештај за секоја од земјите.
Влошување на слободата 13 -та година по ред
Падот на демократијата во светски рамки е во алармантна состојба поради фактот што во голем број земји започнуваат да владеат авторитарни власти, пишува во истражувањето на „Фридом Хаус“.
Годинешното истражување на американската организација покажува дека 2018 е 13 по ред година во која слободата во земјите во светот се влошува.
„Фридом Хаус“ забележа дека 24 земји во светот – вклучувајќи ги Русија, Кина, Турција, Иран и Саудиска Арабија – таргетирале политички дисиденти со барања за екстрадиција, киднапирање или со атентати минатата година.
Етничкото чистење е уште еден тренд кој е во пораст, со фактот што постои појава на зголемување на обидите на властите да ги регулираат етничкиот состав на населението на нивната територија и напади на слободата на изразувањето преку новите алатки како што се интернет-цензурата и набљудувањето.
– Ако земјите започнуваат да се вртат кон диктатурата, слободните општества можат да се најдат изолирани во опасниот и хаотичен свет – изјави Сара Репучи, виша директорка во „Фридом Хаус“.
Зголемен број на политички експерти веруваат дека забележале промена на начинот на размислувањето меѓу гласачите кој оди подалеку од традиционалните идеи за левица и десница, промена која зависи од класата, образованието и од религиозноста на широката народна маса.
Во вкупно 68 земји на светот е забележано опаѓање на политичките права и граѓанските слободи во последните 12 месеци, додека само 50 земји забележале напредок на овие полиња.
– Повеќе авторитарни сили и власти во светот сега ја забрануваат опозицијата или ги апсат нивните лидери, ги менуваат роковите на мандатите и ги притискаат независните медиуми – пишува во истражувањето на „Фридом Хаус“.
Експертите исто така идентификуваат „криза на довербата“ во САД и Европа, каде како што пишува „Индипендент“, силната популистичка десница се бори против демократските принципи како што е поделба на власта, слобода на медиумите и правна заштита на мигрантите.




