Извори за НОВА тврдат дека изградбата треба да се случи со концесија без јавен тендер и најверојатно со готов проект од компанијата бидејќи е неизводливо за до крајот на годината да се подготви главен, идеен проект и физибилити студија
Новиот Клинички центар најверојатно нема да се гради со кредит од Банката на Советот на Европа. НОВА од добро упатени извори дознава дека се преговара со австриската компанија„ Вамед“ која би го градела грандиозниот објект во населбата Ѓорче Петров, веројатно преку јавно приватно партнерство или по пат на концесија.
Наводно, при неодамнешната посета на Австрија на владина делегација меѓу кои и министерот Филипче, на чело со премиерот Заев било разговарано за ова со челниците во „Вамед“. Од друга страна пак, од компанијата побарале гаранција од австрискиот канцелар Себасијан Курц дека нашата Влада ќе го почитува договореното според условите кои ги договарале за тие да го градат Клиничкиот центар.
Истите извори тврдат дека изградбата треба да се случи со концесија без јавен тендер и најверојатно со готов проект од компанијата бидејќи е неизводливо за до крајот на годината да се подготви главен, идеен проект и физибилити студија. Во исто време треба да се направи и Урбанистички план од страна на Општина Горче Петров, а потоа и Проектна програма.
Министерот Филипче деновиве најави дека темелите на новиот Клинички центар треба да се удрат до крајот на оваа година. Но, тој досега не излезе во јавноста со проект како ќе изгледа новиот Клинички центар, а го најавува без да објасни дали ќе има тендер, кој ќе го гради и со кои пари ќе се финансира изградбата.
Претходниот проект за објектот кој требаше да се гради до зградата на Клиниката за гинекологија пропадна, а со него и парите од кредитот на Банката на советот на Европа. Владата процени дека местото не е соодветно за изградба на таков објект, а најмногу заради тешката пристапност до него по улицата „Водњанска“, сега „Мајка Тереза“.
Неофицијално, НОВА од свои извори дознава дека Банката се согласила да и даде нов заем на државата во износ од 400 милиони евра за изградба на новиот Клинички центар, но преговорите тргнале со фирмата „Вамед“, и најверојатно со заем од австриски банки.
Извори во Министерството за здравство велат дека никој ништо официјално не знае, но дека се „шушка“ дека Клиничкиот центар нема да се гради со заем од Банката.
Во Проектната единица на Банката на советот на Европа велат дека не се информирани за ваква можност.
„Не сме информирани дека изградбата нема да оди преку Проектната единица, никој не ме викнал да ми каже такво нешто. Изградбата на Клиничкиот центар ќе биде најголем проект во државата досега и тоа не може да оди без Проектната единица“, изјави за НОВА Љупчо Балковски, раководител на Проектната единица при Банката за развој на Советот на Европа.
Во Министерството за здравство најавија дека во текот на утрешниот ден ќе објаснат се околу изградбата на новиот Клинички центар.
Инаку, компанијата „Вамед“ гради објекти низ целиот свет и тоа најчесто со јавно приватно партнерство. Меѓународното портфолио на „Вамед“ го опфаќа целиот синџир на вредности од развојот на проекти преку планирање и изградба на здравствена установа, до високо специјализирани комерцијални, инфраструктурни и технички услуги, стои на нивната веб страна.