Одлуката за распределбата на средствата за култура ќе биде поништена, изјави премиерот Зоран Заев на вчерашната трибина со граѓаните на Иловица и Штука:
– Одлуката ќе се поништи и таа ќе биде објавена, освен за Националните институции каде што нема реакции, тоа се домовите на културата, каде се направени фер распределби. Но за сите други апликанти, одлуката ќе биде поништена и ќе биде повторно донесена, рече тој велејќи истовремено дека Џез фестивалот нема доставено документи за субвенции и дека не може да се донесе “одлука за било кој, ако нема документи”.
– Смешно и трагично е, кога ќе кажам дека ниеден документ нема доставено Џез фестивалот. Ниеден документ, го молеа до последен момент. Еден документ, по процедура, по протокол, по се. Секако, нема да навлегувам во суштината на реакциите, рече тој.
Според него, “законот дава можност во итни, неодложни случаи, можеби во март има некој фестивал, можеби во април, на транспарентен начин”.
Заев додаде дека ги слуша реакциите на граѓаните:
– Граѓаните денеска реагираа, имаат аргументи и од Министерството за култура, Комисијата за култура, но имаат и граѓаните. Затоа, уште потранспарентно ќе ги донесат одлуките, самата Комисија за култура, при Министерството за култура која е надлежна за нејзиното одлучување и нема кај да брзаме. Постоиме за граѓаните. На уште потранспарентен начин ќе се донесат одлуките и ќе гледаме да биде задоволството колку што е можно поголемо. И лани имаше реакции и уште од лани знаевме дека и оваа година ќе има реакции. Тешко се погодува работата за секој. Не можете да носите одлука за било кој, ако нема документи. Молен е, за доставувањето документи, така сме информирани. И еден дел од другите институции, на пример никој не знае, не е објавено за „Фолк фест Валандово“, за „Макфест“, а реакциите се присутни. Така што, граѓаните реагираа на одлуката, кој што ја донел ќе ја поништи, тоа е законски можно, решенија немаат добиено никој за да евентуално тужи или слично. Ќе се отворат повторно постапките на уште потранспарентен начин, одлуките ќе се донесат, изјави Заев.
Министерот за култура Асаф Адеми исто така реагираше на својот Фејсбук профил тврдејќи дека не вршел притисок за ниту еден проект од културата и дека одлуките се донесени без било каква етничка, политичка или религиозна предрасуда:
– После реакциите на еден дел на здружениjата и медиуми, би сакал да ве известам:
Одлуките за секој проект се земени врз основа на предлог на професионалната комисија; и во ниту еден случај не сум вршел никаков притисок за избор на некој проект.
Со големо внимание ги следам критиките, реакциите, пофалбите и предлозите, исто така сакам да ви кажам дека сум во постојан контакт со членовите на комисите и со правната служба при министерството.
После консултаците што ги имаме, заедно ќе одлучиме за следните чекори.
Истовремено, би ви обрнал внимание на следното:
– моето мото ‘култура за сите ‘ беше без било каква етничка, политичка или религиозна предрасуда; и јас не сум од тие политичари што функцијата ја гледа како алатка за лично богатење.
Во овој период најповеќе се потрудив да ја зголемам транспарентноста, борбата против корупцијата и да не правам било какви разлики меѓу граѓаните на државата. За мене политичката функција ‘Министер’ не е света”, пишува тој.




