Во срцето на актуелниот политички конфликт помеѓу претседателот на Венецуела Николас Мадуро и неговиот противник Хуан Гуаедо, е влезот на хуманитарната помош за оваа земја во криза, помош блокирана на границата.
Хуан Гуаедо, признаен за времен претседател од над 50 земји во светот, ја повика армијата да и дозволи на хуманитарната помош да влезе во земјата. Оваа помош пред се доаѓа од САД и е наменета за најранливите 300.000 лица.
Мадуро од своја страна тврди дека недостигот на лекови и храна е врзано со американските санкции и вети дека ќе стори се за да ја го блокира ова “шоу на божемна хуманитарна помош”.
Според изјавата на политикологот Луис Саламанка, дадена за агенцијата АФП, оваа помош е во срцето на битката помеѓу двете страни што се борат за власт:
– Гуаидо се обидува да ја сврти армијата на своја страна, додека Мадуро се обидува да ја сочува на неговата страна, вели аналитичарот.
Венецуеланската армија не и дозволува на оваа помош да влезе во земјата.
Според Џон Магдалено, директор на институтот Полити, дуелот околу оваа помош е «голем настан» кој «несомнено ќе доведе до ескалација» помеѓу владата и опозицијата, но исто така помеѓу Мадуро и земјите што го поддржуваат неговиот противник. И додава дека конечно, тоа е и во рацете на САД коишто имаат моќ за употреба на сила.
Венецуела е заглавена во голема политичко-економска криза веќе со години. Национализацијата на имоти имаше негативни последици врз националната индустрија и драстично влијаеше на намалување на производството на нафта со која се финансира 96 отсто од националниот буџет. Сето тоа го кочи увозот на неопходните производи. Така што, во земјата недостасуваат 80 отсто лекови и медицински материјал, вели Федерацијата на аптекарите. Често снемува струја или вода.

Кон крајот на минатиот месец Гуаидо се прогласи за привремен претседател, тврдејќи дека тоа му го дозволува Уставот како претседател на Собранието. Но, Врховниот суд, под контрола на Мадуро, ја поништи оваа одлука, му забрани на Гуаидо да ја напушти земјата и ги замрзна неговите банкарски сметки, а обвинителството започна да ги истражува неговите “анти-владини активности”.
Стратешка дилема
Мадуро ги обвинува САД дека креираат меѓународна коалиција за да «ја направат лудоста на воена интервенција во Венецуела под изговор за непостоечка хуманитарна криза».
За опозицијата, одбивањето на Мадуро да ја пушти помошта во земјата му докажува на светот дека во земјата се кршат човековите права.
Според Магдалено во неговата изјава за АФП, владата на Мадуро е пред «стратешка дилема». «Каква и да биде неговата одлука, тој е губитникот», вели аналитичарот.
Ако попушти и ја пушти помошта во земјата, преќутно ќе признае дека во земјата има хуманитарна криза. Ако одбие, како што ветува, се изложува на лутината на народот.
САД и Русија
Владата на Доналд Трамп повторува дека воена интервенција во Венецуела е опција. САД ги замрзна сметките на лидерите блиски до претходниот претседател Хуго Чавез и најави нови санкции што би требало да го спречат пристапот на Мадуро да парите од венецуеланската нафта што се продава во САД.
Пред било каква употреба на сила, Вашингтон прво ќе ги исцрпи сите други средства, вели Магдалено. Но «ова поглавие со хуманитарната помош е увертира во сериозна ескалација на конфликтот којшто би можел да води во воена интервенција».
Сепак, според државната секретарка на САД задолжена за Америка Кимберли Брејер, Вашингтон не планира да влезе на сила на територија на Венецуела за да дели храна и лекови.
Од друга страна, Обединетите Нации се подготвени да испратат итна помош, но само со дозвола на Каракас.
Во меѓувреме, во ОН САД предложија резолуција која предлага поништување на резултатите од претседателските избори во Венецуела од 2018, и одржување нови избори.
Русија, во Советот за безбедност на ОН, најави дека ќе поднесе своја нацрт резолуција за решавање на кризата во Венецуела, како одговор на американскиот предлог кој предвидува нови избори.
– Советот за безбедност повикува на решавање на ситуацијата во Венецуела со мирни средства, стои во предлогот на руската резолуција во која се додава дека Советот за безбедност на ОН ги поддржува сите иницијативи чија цел е постигнување политичко решение.
АФП и МИА




