Тринаесетмесечно бебе од Тетовско е уште една жртва на морбили во Македонија, трета за неколку дена. Министерството за здравство пред малку соопшти дека 13-месечно бебе починало вчера вечер на Клиниката за детски болести од компликации предизвикани од морбили (мали сипаници). Во соопштението се истакнува дека детето претходно не било вакцинирано.
Од Министерството за здравство изразуваат жалење за смртта на детето, како резултат на компликации од морбили, болест која може да се спречи со вакцинација и апелираат до сите родители, најодговорно да ги сфатат препораките за вакцинирање со МРП вакцината, која заштитува од ова сериозно заразно заболување. Вакцината во здравствените домови се аплицира бесплатно, а вакцините се со проверен квалитет.
Завчера попладне од компликации предизвикани од морбили (мали сипаници) на Клиниката за детски болести во Скопје, почина 13 месечно бебе од Свети Николе. Претходно, прв смртен случај беше шестмесечно бебе.




