Од денеска знамето на НАТО се вее пред зградата на македонската Влада, покрај државното, со што симболично се означува започнатиот процес на зачленување во најмоќната Алијанса во светот.
-Денеска го креваме знамето на НАТО, што заедно со европското и со нашето, ја одредува иднината, не само нашата и на нашите поколенија. Тоа не е само симболика, туку реалност. Тоа е нова страница во нашата историја, рече премиерот Заев на церемонијата пред Владата по повод кревањето на знамето на НАТО.
Тој истакна дека денес со сигурност кажуваме дека нашата татковина е на вистински пат кон прогресот и непречен развој.
На свеченоста присуствува дипломатскиот кор, воените аташеа на земјите членки на НАТО, пратениците и сите претставници на Владата. Свеченоста започна со интонирање на македонската химна од страна на воениот оркестар. Потоа Зоран Јанковиќ, шефот на НАТО канцеларијата за врски во Скопје му го предаде НАТО знамето на премиерот Заев, кој пак го предаде на АРМ.
Со интонирање на химната на НАТО, знамето на Алијансата беше подигнато на јарболот веднаш до државното знаме.
-Ова е нова станица во нашата историја, а најголемата заслуга е на граѓаните кои храбро исчекоривте и ја побаравте иднината што ја заслужуваме, рече премиерот Зоран Заев на церемонијата.
-Успеавме од споредниот балкански колосек на кој чекавме со децении и се вративме на главниот автопат кон Европа, рече Заев и додаде дека во периодот што следува ќе бидеме директни учесници во најзначајниот период од осамостојување на државата, во кој сами ќе одлучуваме за нашата иднина, но и со брзината со која ќе ја стасаме таа цел, рече Заев.
Заев оцени дека иднината веќе не ни е судбина, туку судбината ја земавме во свои раце и ја одредивме иднината, додавајќи дека овие денови ја почнуваме следната комплексна етапа во изградбата на нашата држава според европските стандарди и оти никој веќе нема да не блокира од надвор.
Тој се заблагодари и сите претходни претседатели на државата за заложбата и за работата, на пратениците и на АРМ, на новинарите за поддршката, на министрите за надворешни работи на Македонија и Грција Никола Димитров и Никос Коѕијас кои преговараа за Договорот кој го отвори патот на Македонија кон евроатлантските интеграции. Исто така Заев се заблагодари на грчкиот премиер Алексис Ципрас за неговата одлучност и пријателство.







