Во вчерашната стравична автобуска сообраќајна несреќа кај Ласкарци загина 14 лица, а 37 се повредени од кои седуммина се во критична состојба. Некои се пуштени на домашно лекуввање, а останатите се задржани во болница, но не се во животно загрозувачка состојба.
Од ГОБ велат дека засега располагаат со доволно резерви на крв.
Премиерот Зоран Заев кој денеска ги посети повредените во ГОП „8 септември“, изрази сочувство до семејствата на загинатите и благодарност до медицинскиот персонал во болниците, до медиумите, до сите граѓани, а посебно до жителите на Ласкарци кои први дојдоа на помош на повредените и учествуваа во нивното спасување.
Како што и вчера беше соопштено од Владата, Заев повтори дека ќе биде обезбедена секаква помош за семејствата на повредените и на загинатите, и финансиска и психолошка.
Се очекува денеска, најдоцна утре да заврши увидот на местото на несреќата, по што првично ќе се знаат причините за оваа најголема сообраќајна трагедија во земјава.
Според сведоштвото на еден од повредените за ТВ Клан, се се случило за неколку секунди, кога автобусот од патот се нашол во долот. Се изгледало како автобусот одеднаш да избул контрола.




