Ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ Никола Јанкуловски денеска се огради од изјавата на професорката Билјана Ванковска, откако вчера во медиумите и на социјалните мрежи бил повикуван и споменуван УКИМ.
-Не навлегувајќи во правните квалификации на изјавата на професорката, за што се надлежни други институции, од етички причини чувствувам должност да се оградам од изјавата на проф. д-р Билјана Ванковска. Како човек остро осудувам секакви изјави кои алудираат на нетрпеливост и нетолеранција и создаваат чувство на омраза. Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ секогаш ја подржувал слободата и правото на секој професор и студент слободно да мисли и да го изразува своето мислење, пишува Јанкуловски.
Тој изрази сочувство за трагичната смрт на четворица студенти од УКИМ кои загинаа во завчерашната автобуска несреќа – Павле Костоски од Правниот факултет, кој магистрирал пред три месеци, Онур Садику од Медицинскиот факултет, Бејза Узеири од Архитектонскиот факултет и Јовица Трпевски од Електротехничкиот факултет.
– Длабоко сум потресен од трагичната сообраќајна несреќа во која настрадаа наши граѓани. УКИМ изразува најдлабоко сочувство кон семејствата на загинатите. Особено болно за академската заедница на УКИМ е загубата на четирите студенти од овој Универзитет, наведува Јанкуловски.




