Премиерот Зоран Заев и неговиот грчки колега Алексис Ципрас вечерва во Минхен ја примија специјалната награда Евалд фон Кластер на Минхенската конференција за безбедност.
Тие беа поздравени со аплауз додека ја примаа наградата за нивниот придонес во меѓународниот мир и мирно решавање на споровите преку Преспанскиот договор.
-Голема чест за граѓаните на Северна Македонија и Грција, напиша Заев на Фејсбук.
Претходно, Заев и Ципрас учествуваа на панел дискусијата „Разговор со добитниците на наградата „Евалд Фон Клајст“, посветен на иднината на Западен Балкан. Како што информира владината прес-служба, премиерот Заев истакна дека „на денешниот панел зборуваме за регион кој се менува, кој станува сѐ повеќе европски и кој испраќа позитивни пораки и за другите“.
-Им го посветуваме Договорот на младите генерации за нивната иднина, вредеше, рече Заев.
Германската канцеларка Ангела Меркел им оддаде признание за нивната храброст да постигнат Договор и да го надминат повеќедеценискиот спор, овозможувајќи и на тој начин влез на Македонија во НАТО.
– Во секој конфликт може да се најде решение доколку се покаже храброст – истакна Меркел на Минхенската конференција за безбедност.




