Премиерот Зоран Заев и лидерот на ДУИ, Али Ахмети утре напладне во Клубот на пратениците ќе се сретнат, по што ќе се знае дали разговорите ќе продолжат и со други партии или на избори ќе се оди самостојно. И од СДСМ и од ДУИ потврдија дека средбата ќе биде утре.
-Утре ќе биде билатералната средба помеѓу СДСМ и ДУИ, каде ќе се соопштат опциите од двете страни. Ако постигнеме договор, се разбира, ќе бараме оваа поддршка да ја прошириме, прво со другите партии од коалицијата, а потоа со други интересни групи, за да направиме што поголемо мнозинство, бидејќи тоа го бара консезуалноста. Овој концепт го дефинираме како надетнички и надпартиски, не е важно да се прогнозира етничката или партиската определба на кандидатот, изјави Бујар Османи.
За неуспехот на идејата за заеднички кандидат Албанец, ја обвини опозицијата, објави Алсат М.
-Заедничкиот кандидат со албанските партии беше игнориран од некои мали албански партии. Ова подразбира дека нивното барање за соработка меѓу Албанците е демагогија. Без да ја прочитаат добро изјавата и пред да помине еден час по одлуката, тие ја игнорираа. Ова зборува за нив, а не за нас. Ние бевме отворени и за оваа опција, да излеземе со заеднички кандидат, вели Османи.
Алијанса за Албанците и Беса на Билал Касами се изјаснија против заеднички кандидат со ДУИ и разгледуваат можност за заеднички кандидат. Беса на Африм Гаши се уште нема став, додека ДПА ќе го поддржи кандидатот на власта.
Попладнево во седиштето на СДСМ започна првата работна средба на партиите од Коалицијата предводена од СДСМ што заеднички настапи на последните парламентарни избори.
Се работи за консултации со коалициските партнери како и со други парламентарни и вонпарламентарни партии околу можностите да дојдат до консензуален кандидат за претседател на државата.




