Ќе се проверува дали во Избирачкиот список има невалидни гласачи, двојно појавување на исти гласачи кои им го одземаат правото на глас на другите, како и гласачи кои се повеќе пати запишувани во списокот. Експертот за избори и избирачки списоци Џон Арон кој е дојден на покана од ОБСЕ, ќе ја скенира состојбата на теренот и во наредните неколку недели треба да излезе со конкретни податоци. Арон 12 години работел на избори и гласачки списоци на Косово, Украина, Азија и некои земји во Африка.
Неговата задача е да ја утврди методологијата за проверка на веќе составениот Избирачки список. Џон Арон нагласи дека со ова не се прави прочистување, туку само проверка за да се види дали има вистина во досегашниот сомнеж, но доколку се утврдат недоследности се прави поправка на избирачкиот список.
-Јас не правам ревизија, туку може да предложам ревизија, која ќе ја направи Комисијата за избирачки список. Мојата цел не е да барам лични податоци, туку каков тип на проблеми има во Избирачкиот список, а од репрезентативните примероци ќе утврдиме дали има недостатоци нагласи Арон.
Откако ќе биде направена електронска проверка на податоците во ДИК, ќе се оди на терен за што ќе треба институционална подршка, како и подршка од политичките партии најави странскиот експерт пред работната група за Избирачкиот список во ДИК. Втората фаза подразбира проверка на податоците од пописот.
Од Агенцијата за заштита на лични податоци се изјаснија дека неможе да се користат личните податоци, како и пописот на населението бидејќи тоа не е во согласност со постоечкиот Закон за заштита на личните податоци. Но, Џон Арон објасни дека приватноста ќе биде запазена на секој поединец, а проверката ќе се прави со посебна методологија.
Дејан Манчевски од СДСМ побара теренска контрола, користење на комбинирани податоци за да се издвојат гласачите кои не живеат во Македонија. За таа цел побара учество на претставници од политичките партии.
Според Илија Иљовски од ВМРО ДПМНЕ во Македонија веќе има прочистен избирачки список, со кој може да се спроведат избори, но оваа проверка може да донесе позитивни ефекти.
Во Македонија има 1 779 605 избирачи, а во шестата изборна едница одеднаш се зголемил бројот на гласачи, за пет проценти повеќе, каде до 17 ноември во Избирачкиот список има 317.656 гласачи.
Шестата изборна единица ги опфаќа општините Тетово, Гостивар, Теарце, Дебар, Брвеница, Боговиње, Врапчиште, Желино, Зајас, Јегуновце, Маврово и Ростуше и Осломеј. Пред неколку години, оваа изборна единица броеше 279.258 гласачи, што претставува зголемување за 38.398 гласачи.
Проблем преставуваат и преименувањата на некои улици, посебно во Скопје што им прави проблем на државните институции за да констатираат каде гласачот живее.