Грчкиот министер за надворешни работи Евангелос Венизелос смета дека од осoбена важмност е да се промени политичката клима во преговорите, но навредливи политички изјави не помагаат за да се измени и подобрат затегнатите односи меѓу Македонија и Грција. Со ова Венизелос на прес-конференција порача дека се надева дека последната изјава на премиерот Никола Груевски за аналогијата дека Грција би требало да се нарекува Поранешна Отоманска Провинција Грција била само несреќен лапсус.
“Од голема важност е да ја измениме климата, Но, оваа клима не се менува со навредливи изјави од типот дека Грција треба да се нарекува Поранешна Отоманска Провинција. Тоа е еден вид подбивање со процесот и одлуките на Обединетите Нации, и навистина жалам за ова дури и да беше еден вид несреќен лапсус, а не суштинска политичка забелешка. Се надевам дека беше несреќен лапсус”, изјави Венизелос.
За шефот на грчката дипломатија изјавите од македонска страна дека нема да се прифати друго име освен Република Македонија се косат со преговарачкиот процес во ОН.
“Не е можно јавно да се искажува ставот: “Ние не прифаќаме ниедно име кое го засега уставното име”. Што значи тоа, дека не го прифаќаат ни самиот процес во Обединетите Нации?”, праша Венизелос, додавајќи дека сите имаме обврска да го почитуваме и Генералниот секретар и Советот за безбедност на ОН, како и Копенхашките критериуми, европското законодавство, но и добрососедските врски и меѓународното право.
На новите средби кај медијаторот Метју Нимиц закажани за четврток и петок Грција ќе оди со познатите позиции кои за неа се основа за да се постигне компромисно решение рече Венизелос.




