Македонија денеска го слави Денот на македонската револуционерна борба.
На 23 октомври, 1893 година во куќата на Иван Хаџи Николов во Солун, Христо Татарчев, Даме Груев, Петар Поп Арсов, Антон Димитров и Христо Ботанџиев го формираа Македонскиот револуционерен комитет од кој подоцна произлезе Внатрешно Македонската Револуционерна Организација.
Формирањето на ВМРО значеше почеток на организираното македонско револуционерно движење кое преку Илинден 1903 и Крушевската република и конечно, преку Народно ослободителната борба резултираше со создавање на модерна самостојна македонска држава.
Во новиот објект на Македонскиот народен театар вечер ќе биде одржана свечена академија на која ќе се обрати претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски.
Во Собранието пак, ќе биде врачена државната награда „23 Октомври“ за оваа година во областа на културата и уметноста.
Добитници се оперската певица Ана Дурловски, писателите Џабир Ахмети и Михаил Ренџов и ликовниот уметник Ставре Димитров-Стадим.
Нова копија на црешовото топче ќе биде изложена во фоајето на Музејот на македонската борба.




