ЕФЈ ги поддржува новинарите кои протестираа СЕГА во Скопје, Македонија против казната затвор за Томислав Кежаровски, пишува Европската федерација на новинари на својот Твитер профил.

Новинарите и новинарските здруженија, како и граѓаните, кои денеска протестираа пред Музејот на македонската борба, во знак на револт против казната на новинарот Томислав Кежаровски, беа оттурнати од припадниците на полицијата.
Нив денеска не им беше дозволено да се доближат до зградата на Музејот македонската борба, иако протестот беше најавен уште вчера. Тие беа спречени со поставени огради околу зградата, но и физички од страна на полицајците – со пресретнување, оттурнување со своите штитови и со извлечени пендреци од страна на полициските сили.
Неколку специјални единици и други припадници на полицијата беа насекаде околу Музејот на македонската борба.
Воедно, директорот на Европската федерација на новинари во интервју за НОВА изјави дека во затвор за вакви дела се оди во Белорусија или Турција но тие две земји не се европски пример, и дека во Македонија има уште многу работа на планот на слободата на медиуми.
Ова е прв ваков протест по изрекувањето на 4,5 годишна казна затвор на новинарот Кежаровски, предходно повеќе пати новинарите на протест пред судот бараа тој да биде ослободен од притвор и да се брани од слобода.




