Шест лица се осудени на затворски казни за Титаник 2 за изборни нерегуларности за локалните избори во 2013 година.
Сашо Мијалков е осуден на 3 години, а претседателот на ДПА Мендух Тачи на 3 години и два месеци затвор. Највисока казна од четири ипол години затвор доби Бедредин Ибраими, кој беше член на ДИК од ДПА за време на локалните избори во 2013 година. По три години затвор се осудени членовите на ДИК од ВМРО ДПМНЕ Влатко Сајковски, Сашо Срцев и Анета Стефановска.
Според обвинението Сашо Мијалков, користејќи ја својата моќ што ја имал во општеството и блиските односи со Мендух Тачи, во 2013 година се јавил кај Тачи и побарал од него членот на ДИК од ДПА, Бедредин Ибраими да гласа за поништување на гласањето во избирачко место во Струмица, иако за тоа немало основа. Тачи се јавил кај Ибраими и тој гласал за поништување. останатите тројца членови Срцев, Сајковски и Стефанова исто така гласале да се поништи гласањето, иако бројот на запишани избирачи и бројот на гласачки ливчиња бил ист. Со тоа, противзаконски му овозможиле на кандидатот за градоначалник на Струмица од ВМРО-ДПМНЕ Васил Пишев да ја продолжи изборната битка во втор круг.
Ваквата одлука на членовите на ДИК придонела да има прегласување со што била нанесена штета на буџетот.
-Но штетат врз буџетот не е најглавната оштета во овој случај. Многу посуштинско е што тие ги прекршиле одредбите од изборниот закон, рече судијата Огнен Ставрев.
Судијата пред изрекување на пресудата рече дека затворските казни се донесени врз основа на сериозна анализа на доказите и дека Кривичниот совет е убеден дека владеењето на правото мора да важи за сите и дека никој не може да биде над правото.
Сите се осудени за делото злоупотреба на службената положба, освен Сашо Мијалков кој е осуден за примање награда за противзаконито влијание.
Обвинителката Фатиме Фетаи побара притвор за Сашо Мијалков поради опасност од бегство, како и за Бедредин Ибраими. За останатите осудени, Фетаи побара мерки за претпазливост.
Единствено Мендух Тачи не беше присутен на изрекувањето на пресудата.





