„Пратениците од НСДП ќе ја подржат Одлуката за разрешување на Трајко Велјановски, човекот кој што на црниот „24 декември“ удри по своите колеги и по новинарите, брутално погазувајќи го Уставот и Деловникот на Собранието на РМ“, изјави пред новинарите Горан Мисовски, Координатор на пратеничката група на НСДП.
– Како награда за неговата сервилност и послушност и злоупотребувањето на функцијата, партијата му се одолжуваше со позиционирање и вработување на неговите блиски пријатели и дел од неговата фамилија, истакна Мисовски.
Според него очигледно Трајко Велјановски сешуте треба да одработува. Затоа вчера, додека полицијата ги тепаше новинарите, само затоа што побараа од власта слобода на изразување, демократија и почитување на човековите права, тој во името на ВМРО-ДПМНЕ беше избран за жртвено јагне да плука против опозицијата, одржувајќи го најскандалозниот говор на еден политичар во независна и суверена Македонија.
„Додека констатираше дека ВМРО е почетокот и крајот на сé поврзано со Македонија, дека ВМРО била надежта, сонцето, идејата и компасот на Македонците, режимот на власта се пресметуваше со фамилијата на новинарот Кежаровски и сите оние кои што го подигнаа гласот против тортурата, насилието и злоупотребата на полицијата и судовите за потребите на власта“, рече Мисовски.
На крајот тој праша- дали комитите и војводите кои ги положија своите животи пред олтарот на татковината заслужуваат вакви потомци како Трајко Велјановски и сличните на него, кои што ги присвојуваат заслугите на историското ВМРО, а за профит и лично богатење ја менуваат историјата, повикуваат на единство, а работат на разнебитување на Македонија.




