Со 52 гласа „за“, Собранието го изгласа Законот за спречување и заштита од дискриминација. Тројца пратеници беа воздржани. Пратениците на ВМРО ДПМНЕ не беа во салата.
Со оглед дека Законот се носи со т.н бадентерово мнозинство, за него гласаа 13 од 20 присуни пратеници кои се припадници на немнозинските заедници, против немаше, а еден беше воздржан.
Расправата по Предлог-законот за антидискриминација, кој е со европско знаменце, мина во спротивставување на ставовите на власта и опозицијата во однос на придобивките од ова законско решение, колку тој е во функција на заштита и унапредување на правата и слободите на граѓаните, наспроти заштитата на традиционалните вредности.
За власта законот е европски, демократски, со него се унапредуваат човековите права и слободи по сите основи, за опозицијата со него се отвора можноста за редефинирање на категоријата семејство, бришење на бракот како заедница на маж и жена, нови критериумите за посвојување и нови курикулуми во училиштата.
Со денешното гласање во Собранието докажавме дека како држава сме отворени да го слушнеме сечиј глас и да им служиме на сите граѓани поеднакво. Само на овој начин ќе изградиме вистински праведно и демократско општество. Во рамки на претходната седница на Собранието, министерката за труд и социјална политика Мила Царовска говореше за Законот за недискриминација.
“Со овој Закон ги штитиме сите оние кои денеска не се заштитени и се дискриминирани, но се меѓу нас. Граѓаните не избраа со цел да ги заштитиме, да направиме одговорни политки кон секој еден, не само кон оние кои имаат слични верувања и убедувања со нашите“, изјави Царовска во реплика на пратеникот од ВМРО ДПМНЕ Влатко Ѓорчев.
Новиот Закон, со вклучувањето на основите на сексуална ориентација и родов идентитет, ја проширува заштитата од дискриминација кон оваа група на граѓани. Законското решение овозможува превенција и еднаков пристап до механизмите за заштита од дискриминација за сите граѓани. Основа за донесување на овој закон е токму Уставот на Република Северна Македонија, во кој се утврдени основните слободи и правата на човекот и граѓанинот.
Согласно законското решение се забранува секоја дискриминација врз основа на раса, боја на кожа, потекло национална или етничка припадност, пол, род, сексуална ориентација, родов идентитет, припадност на маргинализирана група, јазик, државјанство, социјално потекло, образование, религија или верско уверување, политичко уверување, друго уверување, попреченост, возраст, семејна или брачна состојба, имотен статус, здравствена состојба, лично својство и општествен статус или која било друга основа.
Законот за спречување и заштита од дискриминација има добиено позитивни мислења од Венецијанска комисија, од Обеднитетите нации, од ЕУ и од ОБСЕ-ОДИХР. Тие истакнуваат дека Република Северна Македонија, со ова ново законско решение, прави значаен чекор во борбата против сите форми на дискриминација, почитувајќи го и вклучувајќи го законодавството на ЕУ и меѓунардоните стандарди за човекови права.
Законот претходно беше во собраниска процедура во редовна постапка, но беше „заглавен“ осум месеци, по што Владата го повлече и го препрати со европско знаменце по скратена постапка.
Пред почетокот на седницата, пред Парламентот се одржа протест во организација на Националната мрежа за за борба против хомофобија и трансфобија.
Ги повикаа пратениците од најголемите политички партии од мнозинството – СДСМ и ДУИ итно да го донесат законот на денешната седница, а ја осудија реториката која во врска со законот ја користат нивните колеги од ВМРО-ДПМНЕ.
Учесниците на денешниот протест сметаат дека со новиот закон што треба да биде изгласан ќе се надминат постоечките недостатоци во претходниот закон, кои излегле на површина со неговото спроведување, и тоа во делот на воведување пократки рокови на постапката за заштита од дискриминација, зајакнување на независноста на Комисијата за заштита од дискриминација и овозможување неформални групи да поднесат претставка во име на граѓаните.
За тоа какви промени носи законот за спречување и заштита од дискриминација, за НОВА говореа од Мрежата за антидискриминација.





