Британскиот Парламент повторно го отфрли планот за Брегзит на премиерката Тереза Меј, со кој Велика Британија ја напушта Европската Унија.
Против договорот за Брегзит гласаа 391 пратеник, а За 242 пратеници.

Во јануари, кога Парламентот првпат се изјаснуваше за договорот за Брегзит, 432 пратеници гласаа против, а 202 За.
Резултатите од денешното гласање значат дека пратениците утре ќе се изјаснат дали Велика Британија ја напушта Европската Унија на 29 март без договор.
Ако Парламентот утре го отфрли и излегувањето од ЕУ без договор, на гласањето во четврток ќе се одлучува за тоа дали од ЕУ да се бара одложување на Брегзит за најмногу три месеци.
Во обраќањето до пратениците пред вечерашното гласање, Меј ги повика да го поддржат Договорот, нагласувајќи дека во спротивно е можно Велика Британија да остане во ЕУ.
– Работата е јасна… Оние кои сакаат да дојде до Брегзит, мислам дека треба да знаат оти ако вечерва не го усвоиме овој Договор, ризикуваме Брегзитот воопшто да не се случи, истакна Меј.
Главен спорна точка во Договорот за евроскептичните британски пратеници беше одредбата за „ирската граница“, која предвидуваше статусот на границата меѓу членката на ЕУ, Република Ирска и британската покраина Северна Ирска да остане ист каков што е сега и за време на преодниот период по Брегзит, што би требало да трае до крајот на 2020 година и во кој треба да се најде конечно решение.
Тврдокорните приврзаници на Брегзитот, пред се во редовите на Конзервативната партија на Меј, не се согласуваат со ваквата одредба во Договорот, бидејќи стравуваат дека со тоа Велика Британија би можела да остане „врзана за ЕУ, можеби и на неопределено време“.




