Најџел Фараж, еден од најголемите заговорници за Брегзит, изрази уверување дека излезот на Британија на Европската унија може да биде одложен за една година.
По гласањето во британскиот Парламент, кој по вторпат за неколку месеци го отфрли договорот што го постигна премиерката Тереза Мај со ЕУ, тој рече дека политичкиот хаос во Велика Британија и претстојните парламентарни избори во ЕУ го спречуваат брзото излегување.
– Да бидеме реални, ќе добиеме нов Европски парламент. Не гледам дека новата фаза во преговорите за Брегзит би можела да почне пред ноември. Затоа би рекол дека процесот за излез мора да биде одложен за една година, рече Фараж.
Велика Британија ќе ја напушти Европската Унија, како и што е предвидено, на 29 март, откако Лондон и Брисел ќе постигнат договор во „пет до 12“, изјави денеска поранешниот шеф на британската дипломатија и еден од најтврдокорните поддржувачи на Брегзит, Борис Џонсон.
Осврнувајќи се на денешното гласање во британскиот Парламент за усвојување на одлука за Брегзит без договор, Џонсон изјави дека таа опција ќе остане во игра дури и да не добие поддршка од пратениците.
– Можно е Парламентот симболично да гласа дека не сака договор, по што Обединетото Кралство, врз основа на Закон, ќе ја напушти ЕУ на 29 март, изјави Џонсон за радиото Ел-Би-Си.
Германија предвидува тврд Брегзит, ЕК е подготвена за одлагање
Но германскиот министер за надворешни работи, Хајко Мас, смета дека Велика Британија се доближува до излез од Европската унија без договор, истакнувајќи дека двете страни сега треба да се фокусираат на дефинирање на идните односи по Брегзит.
– Се разбира дека надеваме оти во следните 17 денови се уште ќе бидеме во можност да избегнеме „неуреден“ излез, рече Мас.
– Но сега мораме да почекаме и да видиме како ќе се развие политичката ситуација во Британија и не можеме да шпекулираме. Долниот дом на британскиот Парламент држи се во свои раце, рече шефот на германската дипломатија.
Државите членки на ЕУ се подготвени да разгледаат евентуално барање на Велика Британија за одлагање на британското истапување од Унијата, изјави синоќа портпаролот на Европската комисија, откако Долниот дом на Парламентот во Лондон вторпат го отфрли Договорот за Брегзит.
– Ако има основано барање од Велика Британија за одлагање на Брегзит, 27-те држави членки на ЕУ ќе бидат подготвени да го разгледаат и да донесат едногласна одлука, изјави портпаролот.
Хронологија на Брегзит
На референдумот на 23 јуни 2016 година, Британците одлучуваат да ја напуштат ЕУ по 46 години членство со поддршка од 52 отсто, додека 48 отсто се противат на напуштањето.
Конзервативниот премиер Дејвид Камерон, кој го распиша референдумот и водеше кампања да се остане во ЕУ, поднесе оставка. Тереза Меј, министер за внатрешни работи и приврзаник за останување во ЕУ, стана премиер на 13 јули 2016 година
На 17 јануари 2017 година, Меј ја објасни својата стратегија за Брегзит, велејќи дека Британија ќе го напушти единствениот пазар, што ќе овозможи контрола врз миграцијата. „Без договор е подобро отколку со лош договор”, вели таа тогаш.
На 13 март 2017 година, британскиот Парламент ја овластува Тереза Меј да го активира Членот 50 од Лисабонскиот договор, со што почнува процесот на напуштање на Унијата.

Со писмо до претседателот на Европскиот совет Доналд Туск, таа формално известува за намерата на Велика Британија да ја напушти ЕУ. Ова е почеток на 2-годишниот план за излез – напуштањето е закажано за 29 март 2019 година.
Меј распишува предвремени избори на 8 јуни 2017 година. Нејзиниот ризичен потег доведе до губење на мнозинството од нејзината Конзервативна партија, која беше принудена да побара поддршка од Демократската унионистичка партија на Северна Ирска.
Лондон и ЕУ постигнуваат договор на 8 декември 2017 година за три клучни теми – сумата што Лондон ќе ја плати при напуштањето на ЕУ, правата на граѓаните и границата со Ирска.
Лидерите на ЕУ даваат зелено светло за следниот чекор од преговорите за Bрегзит вклучително трговски односи по „разводот“. Одлуката за напуштање на ЕУ станува закон на 26 јуни 2018 година.
На 6 јули 2018 година, Тереза Меј доби поддршка од нејзиниот Kабинет да преговара за „слободна трговска зона со ЕУ”. Два дена подоцна, министерот за брегзит Дејвид Дејвис поднесе оставка. Друга клучна фигура во владата – министерот за надворешни работи, Борис Џонсон, исто така, поднесе оставка на 9 јули.
На 13 ноември Кабинетот на Меј објави дека преговарачите постигнале нацрт-договор за напуштање на ЕУ. На 14. ноември, владата го поддржа договорот по неколку часа вжештена дебата. Следниот ден, четворица министри, меѓу кои и новиот министер за брегзит, Доминик Рааб, поднесоа оставка во знак на протест против договорот.
Лидерите на ЕУ го одобрија договорот на 25. ноември.
На 10 декември, Меј го одложи гласањето во парламентот, а лидерите на ЕУ одбиваат понатамошни преговори. На 12 декември, пратениците на Конзервативната партија, незадоволни од водството на партијата Тереза Меј, сакаат да гласаат за доверба за лидер на партијата. Таа „победува“ со 200 гласови против 117.
На 15 јануари Парламентот конечно гласа за нејзиниот договор со ЕУ, но го отфрли со 432 гласови наспроти 202 гласови – најлошиот пораз за владата во модерната британска историја.
Лидерот на опозициската Лабуристичка партија, Џереми Корбин, повика на гласање за недоверба на владата на 16 јануари. Кабинетот „преживува“ со 325 гласови, а Тереза Меј ветува дека ќе соработува со опозицијата за да најде компромис за брегзит.
На 29 јануари, британските пратеници гласаа за враќање на Меј назад во Брисел за повторно преговарање за заштитната клаузула, сугерирајќи дека така договорот би можел да помине во парламентот.
ЕУ соопштува дека за договорот не може повторно да се преговара.
На 12 март Парламентот повторно ги отфрли со 391 глас против 242 дури и откако Меј соопшти дека преговарала со Брисел за промена на најспорните клаузули за нив.
Од денешното гласање зависи дали Британија заминува од ЕУ без Договор. Но доколку пратениците ја отфрлат и оваа опција, тие утре ќе гласаат за одложување за најмалку три месеци.
Британија пред 4 сценарија: Нови преговори, тврд Брегзит, пад на Владата или референдум







