ВМРО-ДПМНЕ не ја поддржува предлог-одлуката за разрешување на претседателот на Собранието Трајко Вељановски и таа не мора да биде ставена на дневен ред на седница, бидејќи не е во форма на интерпелација, изјави денеска пратеникот Илија Димовски.
– Би сакал да потенцирам многу јасно. Одлуката за разрешување на претседателот на Собранието на Република Македонија Трајко Вељаноски нема поддршка од нас. Барањата за Анкетната комисија и за надзорната расправа треба да бидат согласно со Деловникот и Законот за Собрание, а не онака како што СДСМ се обидува да наметне, потенцираше Димовски.
Според пратеникот од владејачката ВМРО-ДПМНЕ, очигледно со секоја постапка, СДСМ внесува дополнителни проблеми внатре во државата, но и на надворешен план.
– Не ги признаваат институциите и нивните одлуки, но само во случај кога се работи за нивни членови. Не го почитуваат интегритетот на избраното мнозинство во Собранието, не ги почитуваат судските одлуки и постапки повторно само кога станува збор за нивни членови, рече Димовски.
СДСМ преку координаторот на пратеничката група, Игор Ивановски денеска во Собранието најави дека ќе поднесе предлог – одлука за разрешување на Вељановски и дека ќе бара одржување надзорна расправа за нарушување на пресумпцијата на невиност, злоупотреба на притворот, загрозувањето на правото на изразување и медиумската слобода и одржување на посебна седница на Анкетната комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот.




