Најмалку 49 луѓе се убиени во напади во две џамии во градот Крајстчрч, Нов Зеланд.
– Ова е еден од најтемните денови во историјата на Нов Зеланд. Она што се случи овде е досега невиден чин на насилство, истакна премиерката Џасинда Ардерн.
Таа додаде дека повеќе од 20 лица се ранети, од кои повеќето со сериозни повреди. Меѓу нив има и деца.
Триесет од жртвите се убиени во едната, а останатите 19 во другата џамија.
По престрелката уапсено е едно лице, но не се соопштува неговиот идентитет. Медиумите објавија дека се работи за Австралијанец.
Австралискиот премиер Скот Морисон потврди дека се работи за австралиски државјанин чие име не го откри, но рече дека се работи за екстремен десничарски терорист. Агенцијата АФП објави дека тој намерно дошол од Австралија во Нов Зеланд за да го планира и да го изврши нападот.
Нападот се смета за тероризам, но засега нема потврда дека бил самоубиствен.
Полицијата потврди дека има „значителен“ број жртви, но не го прецизира нивниот број. Во соопштението наведува и дека откриле неколки импровизирани експлозивни направи оставени во автомобилите на напаѓачите.
Лицето кое ја презеде одговорност за терористичкиот напад, оставило антиимигрантски и антимуслимански проглас на 74 страници, во кој објаснува кој е и зошто го извршил нападот.
Весникот Вашингтон пост објави дека еден од терористите кој го изврши нападот објавил видео во живо на Фејсбук. Клипот е маркиран за време на нападот.
Реакции
Шефицата на европската дипломатија, Федерика Могерини, во име на ЕУ, ги осуди терористичките напади во Нов Зеланд и испрати сочувство и понуди поддршка за луѓето и властите во таа држава.
-ЕУ изразува искрено сочувство до семејствата и пријателите на жртвите на двата терористички напада што се случија денеска во Крајастчрч, Нов Зеланд. Целосно сме обединети со граѓаните и властите на Нов Зеланд во ова исклучително тешко време и ние сме подготвени да ги поддржиме на кој било начин, вклучувајќи и зајакнување на нашата соработка во борбата против тероризмот, рече Могерини.ж
Таа оцени дека нападите врз верски места се, всушност, напади врз оние што ја ценат различноста и слободата на религијата и изразувањето.
-Таквите дела ја зајакнуваат нашата одлучност заедно со целата меѓународна заедница да ги решиме глобалните предизвици на тероризмот, екстремизмот и омразата, заклучи Могерини.
– НАТО стои зад нашите пријатели и партнери од Нов Зеланд во одбраната на отвореното општество и заштитата на заедничките вредности, напиша генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг на Твитер, остро осудувајќи ги нападите.










