Амбасадорките на Германија, како и на Кралството Холандија денеска изразија загриженост за големото присуство на полициски сили кое вчера го спречија протестот на новинарите, новинарските здруженија и граѓаните.
„Ние жалиме што вчера беше спречено демократското фундаментално право да се протестира, без давање на било какво објаснување за потребата од толку силно присуство на полицијата“, изјави во реакција ексклузивно за НОВА, Гудрун Штајнакер германската амбасадорка во Македонија.
По вчерашниот судир на полицијата со новинарите, загриженост изрази и амбасадорката на Холандија. Ексклузивно за НОВА таа изјави дека масовната демонстрација на сила покренува загриженост.
„Вознемирена сум и жалам за непропорционалното безбедносно присуство на сила кое ги спречи мирните протести на новинарите и граѓаните во одбрана токму на слободата на изразување“, се вели во реакцијата на амбасадорката на Холандија во Македонија, Мариет Шурман.
Таа надополни дека, тешка е да се разбере потребата за масивна демонстрација на сила, како што е тешка да се разбере долгата казна без преседан за Кежаровски.
„Со оглед на немирите и стравот што оваа казна ги предизвика кај граѓаните, очекувам пресудата напишана да се објави во најкус можен рок. Судовите зборуваат преку нивните пресуди, и само напишаните пресуди можат да служат како уверување дека правдата е донесена неселективно, на независен начин, преку соодветен процес, и со должно почитување на темелната вредност на слободата на изразувањето“, потенцираше Шурман.
Како што претходно најави Иницијативниот одбор за ослободување на Кежаровски, протестот беше организиран во знак на солидарност и поддршка на новинарот Томислав Кежаровски кој „доби“ четири и пол години затворска казна за текст напишан во 2008 година. Таквата пресуда беше опишана од многубројни домашни и меѓународни организации како спротивна на европските стандарди.




