Ги повикуваме властите да се ослободи Томислав Кежаровски во очекување на жалбата, а македонското судство да ја поништи пресудата, вели Нина Огнианова, координаторка на Комитетот за заштита на новинарите во Европа и централна Азија.
„Времето на апсењето на Кежаровски и затворската казна, и неговите критички известувања за полицијата и судството, „фрлаат“ сериозен сомнеж врз правичноста за неговото гонење и судење“, надополнува таа.
Според Комитетот, властите во Македонија треба да ја преиспитаат одлуката по жалбата за пресудата на познатиот истражувачки новинар кој е во затвор веќе од мај.
Пресудата за новинарот произлегува од неговото известување за сега веќе непостоечкиот независен неделник „Репортер 92“ во 2008 година.
„Локалните новинари изјавија за Комитетот за заштита на новинарите, дека Кежаровски ја критикуваше македонската национална служба за безбедност (ДБК) за вршење притисок и заплашување на луѓето да даваат лажно сведочење во кривични предмети. Кежаровски, исто така, го откри името на сведок во неговиот текст во кој се критикува работењето на полицијата за убиство во 2005 година“, се вели во соопштението на КЗН.
Според наводите во медиумите, сведокот идентификуван од страна на Кежаровски, во 2008 година немал статус на заштитен сведок. Во февруари 2013 година, сведокот пред судот кажал дека таквиот статус го добил во 2010 година. Тој исто така сведочел дека бил под притисок на полицијата за да даде фабрикувани докази за убиството, како што и известувал Кежаровски. По неговото сведочење, затворените обвинети за случајот, се ослободени.
Во своето образложение за повикот кон властите да се ослободи Кежаровски, од Комитетот уште напоменуваат дека според нивните сознанија, во времето кој тој бил уапсен во мај, Кежаровски истражувал за смртта на Никола Младенов, сопственик на независниот критички весник „Фокус“, кој загина во сообраќајна несреќа во март. На 1 април, Кежаровски напиша текст, објавен во дневниот весник „Нова Македонија“, кој покрена загриженост за истрагата на полицијата, како и за начинот на кој власта го третира случајот.
Околностите под кои се случи несреќата, покрена загриженост и помеѓу колегите на Младенов во „Фокус“, стои во соопштението.
На 21 октомври, новинарот Томислав Кежаровски беше осуден на 4 и пол години затворска казна.




