Слободан Даневски, поранешниот менаџер во комбинатот „Џумајлија“ кој е во бегство, е осуден на три години затвор за злоупотреба на службена должност.
Основниот суд во Штип му изрече казна затвор од три години на Слободан Даневски за сторено кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување во текот на 2002 и 2003 година, кога бил претседател на Управниот одбор на Агрокомбинатот „Џумајлија“, информираше портпаролот на Основниот суд-Штип, Стојан Михов.
-Се работи за злоупотреба на службената положба од страна на обвинетиот Слободан Даневски со кои дејствија е причинета штета на вработените и на самата фирма, а додека е прибавено корист или за Даневски или за трето лице, вели Михов.
Тој додава дека за истото кривично дело судска постапка треба да се води и против Зоран Даневски, кој е брат на поранешниот светиниколски градоначалник и за него има барање за екстрадикција. Доколку биде донесен во земјава во штипскиот Основен суд ќе има постапка за истото кривично дело, а може и да му се суди и во негово отсуство.
Поранешниот градоначалник на Свети Николе има право да ја обжали одлуката на судот.
Основното јавно обвинителство во Свети Николе пред две години поднесе кривична пријава и против неговиот брат Зоран Даневски, за злоупотреба на службената положба и овластување во стопанството. Зоран Даневски се товари за противзаконски дела со кои ја оштетил државата за 1,5 милион евра,а кои дела ги направил од позиција на генерален директор на комбинатот во кој претседател на Управниот одбор беше неговиот брат Слободан.
Зоран Даневски е во бегство.




