Ширењето на говор на омраза денеска е полесно од било кога и тоа благодарение на лесната достапност до социјалните мрежи. Сепак забележително е зголемувањето на свеста на македонската јавност за детектирање на говорот на омраза и неговото пријавување до надлежните институции.
Во текот на 2018 година Секторот за компјутерски криминал и дигитална форанзика има примено 49 пријави за говор на омраза, односно во врска со основи на сомнение на сторено кривично дело чл.144 „Загрозување на сигурност“ и чл.394-г „Ширење расистички и ксенофобичен материјал преку компјутерски систем“ од Кривичниот закон на РМ.
– Некои од овие пријави се завршени, а по некои се уште се постапува. Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика и понатаму ќе продолжи со активностите со цел санкционирање на ваквите случаи. Ги повикуваме сите граѓани кои се изложени на вакви закани или сведочат вакви закани, истите да ги пријават во најблиската полициска станица или на адресата cybercrime@moi.gov.mk – порачуваат од Министерството за внатрешни работи.
Во текот на 2017 година, Јавното обвинителство отворило 3 предмети од кои два се предмети за кривичното дело – Ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем од член 394-г од Кривичниот законик (по 1 предмет во ОЈО Скопје и ОЈО Кочани), додека еден предмет се однесува на кривично дело – Загрозување на сигурноста од член 144 став 4 од Кривичниот законик (ОЈО Кавадарци).
– Во текот на 2018 година биле отворени вкупно 11 предмети: шест за кривично дело од член 394-г од Кривичниот законик, а пет за кривично дело предвидено и казниво согласно член 144 став 4 од Кривичниот законик. Од почетокот на годинава, пак, оформени се вкупно 15 предмети за овие кривични дела и тоа во основните јавни обвинителства во Скопје, Кавадарци, Радовиш, Берово, Кочани, Куманово, Охрид и Струмица. Единаесет од овие предмети се однесуваат на кривичното дело – Ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем од член 394-г од Кривичниот законик, додека останатите четири се однесуваат на кривично дело – Загрозување на сигурноста од член 144 став 4. По повеќето од овие предмети кои се оформени од почетокот на 2019 година се уште се постапува – информираат од Основното јавно обвинителство.
Најмладата пратеничка во овој собраниски состав, Ивана Туфегџиќ, неколку пати беше мета на говорот на омраза.
– Морам да признаам дека ние долго време сме мета на говор на омраза, веќе две години откако сме пратеници. Од етикетата предавници, до поставување натписи пред нашите куќи, а да не зборувам за социјалните мрежи – раскажува пратеничката Туфегџиќ.
Туфегџиќ вели дека чувствувото е непријатно, но сепак не се чувствувала небезбедно.
– Јас тоа го разбирам како луѓе кои се полни со омраза за секој кој размислува различно од нив, тоа се кукавици на кои им е полесно да се закануваат преку тастатури – вели пратеничката.
Таа се надева дека Обвинителството што поскоро ќе ги процесира таквите постапки, за како што вели „да можеме како држава да го санкционираме говорот на омраза за да не ни се повторува во круг“.
Адвокатот Јанаки Митровски истакнува дека говор на омраза во чисто кривично правна смисла не постои. Односно, не постои посебно кривично дело чиј сторител би бил процесуиран и казнуван.
– Но во смисла на самиот термин во Кривичниот Законик постојат повеќе дела кои би можеле да се стават во тој кош:Загрозување на сигурноста казниво по член 144 став 4;Ширење на расистички и ксенофобичен материјал лазниво по член 394 г;Одобрување или оправдување геноцид и воени злосторства казниво по член 407-а итн – вели адвокатот Митовски.
Според Митровски законските одредби се важни, но не и клучни.
– Проблемот настанува кога политиката, како и во сите сфери се меша, и се создава заштитена каста на луге, новинари и активисти, кои се користат за оцрнување политички или идеолошки противници. Ова, не очекувам да престане.
Според Митровски, кај нас праксата е оскудна.
– Од статистиката евидентно е зголемувањето на кривични пријави за овие кривични дела на годишно ниво, а притоа како подносители на пријавите се јавуваат и Министерството за внатрешни работи и засегнати граѓани – вели Митровски.





