-Инцијативата за сеопфатно сексуално образование е заснована на високата поддршка, од над 90%, што ја искажаа граѓаните (наставници, родители и ученици) во 2009. Во ова истражување учествуваше и Министерството за образование и наука, реагираат од ХЕРА откако министерот Ристовски изјави дека граѓаните не прифаќаат да се учи по дополнителен учебник изготвен од извесна невладина организација.
Оттаму соопштуваат дека Прирачникот за наставници не претставува учебник.
„Овој материјал е дополнување на прирачните средства за наставниците одговорни за предметот Образование за животни вештини, изработен во договор и со официјална дозвола и од Министерството за образование и наука и од Бирото за развој на образованието, исто како и многу други материјали и истражувања за сексуално образование од 2009 до денес“, стои во реакцијата.
ХЕРА, уште минатата недела, им се заблагодари на сите 2801 граѓани и граѓанки кои ја поддржаа петицијата за „Последен први септември без сеопфатно сексуално образование“.
За нив бројката е солидна за една „краткорочна петиција“ чија цел е да се поттикнат конкретни чекори, но и официјален став од МОН за инцијативата за сексуално образование.
Тие повикуваат на надминување на комуникација преку изјави на прес конференции и апелираат за стручен и институционален пристап од страна на МОН. ХЕРА предлагаат продолжување на започнатата соработка со единствена цел – подобрување на информираноста и здравјето на младите и остварување на усвоените национални стратешки документи на Република Македонија.




