„Утрешната посета е од историско значење базирана на новата стратешка визија за нашите земји. Грција и Северна Македонија мора да бидат партнери и сојузници“ вели во интервју за МИА Алексис Ципрас кој ќе биде првиот грчки премиер кој ќе ја посети земјава.
„Договорот од Преспа не е само решавање на прашањето за името и отклучување на европската и евро-атлантската перспектива на Северна Македонија. Договорот ги постави темелите за воспоставување на силни билатерални односи што предвидуваат соработка и на меѓународно, европско и регионално ниво.
Во овие рамки, ќе се одржи и првиот состанок на нашиот Совет за соработка на високо ниво со учество на 10 министри од повеќе области (економија, енергетика, одбрана, надворешна политика, инфраструктура/ транспорт, земјоделски развој, дигитална политика, здравство) и ќе се одржи првиот бизнис форум со десетици бизнисмени од нашите земји. Ќе се договориме за Акцискиот план што ќе ги вклучува сите категории на нашата соработка, Договор за одбранбена соработка, Договор за отворање и на нов граничен премин што ќе ги поврзува Промахи со Мајден, Меморандум за соработка за пристапниот процес на Северна Македонија, енергетиката, развојот на инфраструктурата, нашите Служби за цивилна авијација“ вели Ципрас.
Ципрас најавува дека грчката дипломатија ќе се активира за во јуни годинава да отпочне пристaпниот процес со ЕУ.
„ЕУ поминува тежок период и многу сили имаат тенденција да ги одберат интровертноста или изолацијата како одговор на предизвиците на нашето време. Аргументите во корист на проширувањето – дури и за земји како Северна Македонија што се доследни во нивните обврски – денес наидуваат на многу поголем отпор во споредба со минатото.
Мислам дека активирањето на грчката дипломатија во 2018 година со цел да се одлучи почеток на пристапниот процес на Северна Македонија во јуни, но и неодамнешното формирање на Групата пријатели на Северна Македонија во ЕУ, укажуваат на важноста што ја има Грција.
Во однос на економскиот развој, сите Ваши граѓани ја знаат улогата што грчките компании веќе ја имаат во Вашата земја. Мислам дека можеме да одиме уште понатаму и тоа ќе се истакне на Бизнис форумот“ рече Ципрас во интервју за МИА.
На прашање дали се уште ја чува вратоврската што му ја подари Заев по потпишувањето на Договорот од Преспа, Ципрас вели дека ја чува во фиока во неговото биро.
„Вратоврската на Зоран не ми е во плакарот, туку во фиоката од моето биро, за да ме потсетува на историскиот момент, на храбриот чекор напред за пријателство и соработка на нашите народи, што беше потпишувањето на Договорот од Преспа“ одговора Ципрас.




