Министерот Попоски изразил благодарност за поддршката и конструктивниот пристап на Европскиот парламент и личниот ангажман на европратеникот Ховит во процесот на евроатлантските интеграции на Македонија, соопштуваат од Министерството за надворешни работи по средбата со известувачот за Македонија во ЕП, Ричард Ховит.
На средбата се разговарало за актуелните односи помеѓу Македонија и ЕУ, како и перспективите за отпочнување на преговорите за членство во Унијата.
„Очекуваме дека земјите-членки на Европската унија на Самитот во декември ќе поддржат одлука на Европскиот совет која ќе го трасира патот за отворање на преговорите за пристапување со Македонија за време на претседавањето на Грција со Европската унија во првата половина на 2014г.”, истакна министерот Никола Попоски.
Европратеникот Ховит е во работна посета на Македонија со цел да се согледа напредокот во европскиот интегративен процес на земјата, во пресрет на подготовките на наредната Резолуција на Европскиот парламент за Република Македонија.
Од Министерството соопштуваат дека Ричард Ховит позитивно го оценува напредокот на Македонија во исполнувањето на европските стандарди и дека препорачал Македонија да продолжи со реформите во сите области, во насока на надминување на предизвиците со кои се соочува на патот на евроинтеграците.



