Градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски денеска разговараше со европарламентарецот и известувач за напредокот на Р. Македонија во Европскиот парламент, Ричард Ховит.
Ховит изразил задоволство од посетата и средбата со градоначалникот на Центар, соопштуваат од општина Центар.
„Резултатите од локалните избори во општина Центар и случувањата по изборите се важна лекција за демократијата во земјата. Со мојата посета им покажуваме на сите кои ја поддржуваат локалната демократија, без разлика на која партија припаѓаат, дека во Европската унија принципот на локална демократија и правото на граѓаните на слободен избор на гласачкото ливче е најважен за европската демократија“, изјави евро-парламентарецот Ховит по средбата.
Според градпначалникот на Центар пак, посетата на Ховит ја покажува сериозната заинтересираност во Брисел за случувањата во општината.
Жерновски посочи дека Ховит бил добро запознаен со случувањата во Центар и со притисоците кои што се вршат врз општината.
Ховит, рече Жерновски, јасно кажа дека лично тој и Брисел внимателно ќе ги следат настаните поврзани со општина Центар.
„Локалните избори во Центар, случувањата и најновите настани ќе влезат во Извештајот за напредокот на РМ, како и во финалната изјава на Ричард Ховит“, нагласи Жерновски.
Ховит при посетата на општина Центар беше придружуван и од амбасадорот на ЕУ во РМ, Аиво Орав.



