Заменик-претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за Европски прашања, Фатмир Бесими денес оствари средба со известувачот на Европскиот парламент за Македонија, Ричард Ховит, како и амбасадорот на Европската Делегација Аиво Орав.
На состанокот се дискутирало за препораките кои стојат во Извештајот за напредокот на Република Македонија, во однос на тоа што е можно и реално Македонија да направи до декември пред Советот на Европа со цел да се зајакнат аргументите за добивање на датум за започнување на преговорите со Европска Унија.
Ховит и Орав констатирале дека препораката за започнување на преговори е доказ дека Македонија останува во агендата за проширување на Европска Унија и претставува шанса за прогрес на Македонија во интеграцијата кон ЕУ, кое се очекува да влијае позитивно врз реформите за Европската агенда како и можност за напредок во однос на отворените прашања со соседите Грција и Бугарија, соопштуваат од Кабинетот на Бесими.
Се разговарало и на темите политички дијалог и имплементација на препораките од анкетната комисија, а потоа и за слободата на изразување и дијалогот со новинарите, владеењето на правото и независното судство и добрососедските односи.




