На вчерашниот состанок на Високиот совет за соработка меѓу Северна Македонија и Грција беа потпишани повеќе меморандуми за соработка, а еден од нив и меѓу министерствата за одбрана, согласно кој Грција ќе врши надзор на безбедноста на воздушниот простор над Северна Македонија.
Грчкиот премиер Алексис Ципрас на заедничката прес-конференција со премиерот Зоран Заев рече дека согласно меморандумот Грција ќе и помага на Северна Македонија во зајакнување на одбранбените способности на армијата, обуки, одбранбената индустрија, кибер одбраната и во военото разузнавање.
-Надоместот за тоа е стабилноста во нашиот регион, тоа сакаме да го добиеме за возврат. Сакаме сосед што е политички стабилен, но стабилен и од аспект на безбедноста. Само кога ќе имаме стабилен и безбеден сосед, тогаш ќе се чувствуваме безбедно, рече Ципрас, одговарајќи на новинарско прашање дали без или со надомест ќе врши надзор на безбедноста на нашиот воздушен простор.
За нашата земја -Грција и Бугарија, за Албанија и Црна Гора – Грција и Италија
НОВА во септември лани беше на демонстрација како функционира одбраната на НАТО. Во разговор со шпанскиот генерал Рубен Карлос Гарсиа Серверт од Комбинираниот центар за воздушни операции (Combined Air Operations Centre CAOC) кој се наоѓа во шпанската воена база Торехон во близина на Мадрид, тој потврди дека со влезот на Македонија во НАТО, македонскиот воздушен простор ќе го чува јужното крило на НАТО, за што е задолќен токму овој Центар.
Тој вели дека со влезот на Македонија во НАТО „полицајци” за нашето небо ќе бидат нашите поголеми соседи кои имаат борбени авиони – Грција и Бугарија. Во слична позиција се наоѓаат Албанија и Црна Гора кои исто така не поседуваат борбени авиони. За нивната воздушна безбедност се грижат Италија и Грција.
-Небото над Црна Гора го чуваат италијански и грчки авиони. Кога има инцидент ги лансираме овие авиони кои се најблиску до земјата членка за да бидеме сигурни дека границата е коректно заштитена, објаснува генералот.
– Вашата земја, доколку има радари, треба да ја дели со нас сликата за тоа што се случува на вашето небо. Доколку имате борбени авиони, тогаш ќе бидат предадени на заедничката одбрана на НАТО. Ако немате такви авиони, тогаш се потпишува договор со соседите. И тие ќе дадат борбени авиони кои ќе го чуваат вашето небо под ваша команда, објаснува шпанскиот генерал.
Македонската армија „не поседува борбени авиони и согласно планот за опремување и модернизација не предвидува набавка“, велат во Министерството за одбрана (МОРМ).
Од МОРМ за НОВА во септември објаснија дека „воздухопловната бригада и баталјонот за противвоздушна одбрана се постојните способности и капацитети кои го обезбедуваат делот од суверенитетот на воздушниот простор со средствата за противвоздушна одбрана со кои располагаат“.
Армијата веќе се подготвува за влезот во НАТО и поврзување со воздушната одбрана на Алијансата.
– Предвидено е преземање на софтвер од НАТО и потпишување на договор и одобрување на лиценца за инсталација на софтверот на работни конзоли во подготвениот објект на АРM за заштита на суверенитетот на воздушниот простор, велат во Одбрана.
Министерството се подготвува и за „размена на радарска слика со софтверско поврзување со НАТО“, а „опремувањето подразбира и набавка на 3Д радар согласно Долгорочниот план за развој на одбраната“.
Од Министерството за одбрана тогаш најавија дека следната фаза е потпишување на Договор за заштита на националниот воздушен простор и воздушното патролирање преку билатерални аранжмани со земји членки на НАТО. Тие аранжмани, според генералот Серверт, ќе бидат потпишани пред се со Грција и Бугарија.





