Дури 30 проценти од лекарите од Македонија пушат цигари. Исто толкав процент од нив изјавиле дека некој пушел на нивното работно место, што значи дека не се почитува Законот за забрана на пушење во здравствените установи, покажало истражувањето на Институтот за социјална медицина.
Во Истражувањето со кое биле опфатени лекари од цела држава, 20 проценти од нив се изјасниле дека започнале да пушат на свои 20 години. Во просек пушат по една кутија цигари на ден.
-Но, она што изненадува е фактот што 60 проценти од лекарите се заинтересирани за одвикнување од пушење. Тие се согласиле дека треба да се организираат специјални обуки, надополнети со нови информации и техники за одвикнување од пушењето. Ова е особено важно поради фактот што околу 90% од лекарите сметаат дека тие треба да послужат како пример за своите пациенти се вели во соопштението на Институтот за социјална медицина.
Дел од лекарите признаваат дека се пуши во болниците и другите здравствени установи. Абдоменалниот хирург Милчо Пановски не пуши цигари и вели дека не само што му смета, туку и несмее да се пуши на клиниките, особено во делот на операционите сали како на хирургија.
-Моите колеги и останатиот медицински персонал пушат во собите за одмор во операционите сали. Повеќе пати пријавував до надлежните , но ништо не се менува. Медицинско лице во униформа, со цигара во рака е катастрофално лош пример не само за пациентите, туку и за сите останати граѓани, изјави за НОВА проф.др. Милчо Пановски абдоменален хирург.
Торакалниот хирирг и директор на Клиниката за торакална хирургија, Зоран Спировски е пушач, но вели дека никогаш не пуши на Клиниката каде што работи туку го користи секој момент кога ќе излезе надвор да запали цигара.
-Јас никогаш не пушам пред пациентите, ниту на Клиниката. Пушењето е штетно за организмот, тоа е лоша навика која е посилна од карактерот на човекот. Затоа е најдобро е да се најде некоја сигурна метода за одвикнување. Сепак, морам да нагласам дека и наглото одвикнување исто така не е добро за организмот, затоа тоа треба да се прави со постепено намалување на бројот на цигарите изјави за НОВА проф.др Зоран Спировски.
Истражување за пушењето кај лекарите е спроведено по електронски пат и во него учествувале лекари кои работат во јавното здравство, како и во приватните болници. Сепак, во него не е наведено дали Законот за забрана за пушење влијаел да се намали пушењето, а со тоа и бројот на лекарите кои пушат цигари.