Претставниците на ЗНМ го информираа известувачот Ховит за последните случувања во медиумската сфера и изразија длабока загриженост за случајот на новинарот Томислав Кежаровски, кој минатата недела беше осуден на казна затвор од 4 и пол години за објавен текст во 2008 година.
На состанокот беше констатирано дека случајот на Кежаровски негативно се одразува на слободата на изразувањето и ги отежнува неговите напори да ги убеди членките на ЕУ дека Македонија е подготвена да ги започне преговорите за членство.
Претставниците на ЗНМ на средбата истакнаа дека најдобро времено решение за Кежаровски е да му се даде можност да се брани од слобода додека не заврши судската постапка.
Според нив, јавниот обвинител во секое време може да побара укинување на мерката притвор или нејзина замена за поблага мерка, со што ќе се обезбеди присуството на Кежаровски во текот на судскиот процес. Уште повеќе што правниот застапник на новинарот ја има обжалено мерката притвор пред Апелациониот суд.
„Освен тоа, обвинителството секогаш треба да ја земе предвид судската пракса од Европскиот суд за човекови права кога бара изрекување мерка притвор, како што беше нотирано и во извештајот на Европската комисија за 2013 година: „Потребни се поголеми напори и да се обезбеди дека сите налози за притвор пред судење и продолжување на истото се во согласност со ЕКЧП и судската пракса на ЕСЧП за член 5 (право на слобода и безбедност)““, пишува во соопштението од ЗНМ.
На средбата се разговараше и за медиумските закони кои се во последно читање во Собрание, за кои Европската комисија смета дека клучните разлики меѓу Владата и новинарите останаа нерешени. Претставниците на ЗНМ сметаат дека најдобро решение е владата да ги повлече законите, со цел во нив да се вградат забелешките на Европската комисија, како што е загриженоста за независноста на регулаторот тело, јавниот сервис, владините реклами и самоцензурата во медиумите.




