Премиерот Зоран Заев кажа дека има мал напредок во преговорите за опозициската ВМРО-ДПМНЕ околу Законот за јавно обвинителство со кој треба да се уреди работата на Специјалното јавно обвинителство, со што ќе се исполни и последниот услов за добивање датум за преговори со Европската Унија.
„Ќе оставам за тоа да коментираат министерката за правда и претставниците на ВМРО-ДПМНЕ кои во моментот разговараат. Помалите опозициски партии како што е Алијансата за Албанците и Беса ги дадоа своите инструкции и дадоа простор да се постигне договор прво со најголемата опозициска партија. Осумте пратеници кои се во новата пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата исто така дадоа свои правци и инструкции но дадоа простор прво со најголемата опозициска партија. Верувам дека во многу брзо време тоа ќе вроди со плод, и верувам ќе се изнајдат начини тоа да се донесе навремено, за да биде составен дел на извештајот, што се објавува по завршување на изборите за ЕП, но се пишува во почетокот на мај“ рече Заев.
Тој исто така додаде дека е добро Законот за СЈО да биде усвоен од пратениците во април и да не се чека завршувањето на изборите, за неговото усвојување да биде нотирано во извештајот за напредокот на земјава.
„Убеден сум дека ден поскоро ќе донесеме решение што поскоро. Би било убаво пред изборите, тоа ќе значи дека го фаќаме април, и ќе отстраниме можност да се користи во изборната кампања, оти е системско решение, еден од најважните закони во правосуството“, рече Заев.




