Македонија е една од ретките земји во кои има високо расположение за ЕУ и НАТО, а знаејќи го тоа, власта ги злоупотреби ЕУ и НАТО во референдумското прашање, рече професорката Гордана Силјановска Давкова на митингот во Демир Хисар.
Референдумското прашање гласеше – Дали сте за ЕУ и НАТО со прифаќање на Преспанскиот договор, а власта многу добро знае какво е расположението во Македонија, рече Силјановска-Давкова.
Кандидатот за претседател на Република Македонија од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за заедничка Македонија предочи дека власта ги злоупотребува ЕУ и НАТО за да може комфорно да владее и затоа не треба да добие на претседателските избори, за да не се концентрира целата власт во рацете на оние кои не ја заслужуваат.
-Но не е патот кон ЕУ воз, на кој ќе се качите и стигнете до Брисел, Европската Унија треба да ја создаваме овде и тука, но за жал последните две години тоа не се случува – истакна Силјановска Давкова во своето обраќање на денешниот митинг во Демир Хисар.




