Велика Британија го одреди 23 мај за датум на кој ќе одржи избори за Европскиот парламент, со надеж дека нема да мора да ги организира три години после референдумот за излез на земјата од Европската унија.
– Владата се уште планира да излезе од ЕУ со договор и да ги донесе неопходните закони пред 22 мај, за да не мораме да учествуваме на европските избори, изјави претставник на Владата.
Британската премиерка Тереза Меј вчера имаше телефонски разговори со некои европски функционери, пред утрешниот вонреден самит на лидерите на ЕУ посветен на Брегзит.
Меј денеска ќе ги посети Берлин и Париз каде ќе разговара со германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Емануел Макрон.
Портпаролот на германската Влада Штефен Зејберт вчера изјави дека Меркел ќе биде домаќин на денешната средба со британската премиерка Меј во Берлин, посветена на Брегзит.
За вечерва е предвидено Меј да отпатува за Париз на средба со Макрон, со кој ќе разговара на истата тема.
Меј ќе има средби со европските колеги еден ден пред Самитот на Европска Унија, на кој таа ќе побара продолжување на рокот за излегување на Велика Британија од ЕУ.
Неименувани претставници на Унијата изјавија дека е малку веројатно дека Брисел ќе стави вето на продолжување на рокот за Брегзит, но оти постои несогласување за уште колку време ќе биде пролонгирано излегувањето на Велика Британија од ЕУ.
Во меѓувреме, британскиот Парламент усвои закон за да ја принуди Владата да побара од лидерите на ЕУ ново одложување на Брегзит, за да се избегне излез без договор на 12 април.
Парламентот денеска ќе расправа колку да се продолжи рокот за заминување од ЕУ. Премиерката Тереза Мај сака Брегзит да биде одложен до 30 јуни.
Владата беше против овој закон, бидејќи тој може да го ограничи нејзиното поле за маневри во преговорите со лидерите од ЕУ. Донесен по иницијатива на пратениците, законот фактички го менува нормалниот редослед според кој Парламентот дебатира и прифаќа предлог-законите предложени од Владата.
Тоа значи дека Меј денеска во Парламентот треба да поднесе предлог за новиот краен рок за Брегзит кој ќе биде одобрен од пратениците.
Потоа таа ќе упати соодветното барање до ЕУ, на утрешниот состанок на Европскиот совет во средата, кој може да го прифати или одбие предлогот.




