Пишува Петар Богојески, авторот е докторанд на УКИМ Скопје и активист во ВМРО-ДПМНЕ
Насловот не е онака нафрлен од ракав. Суштина е! Токму по прашањето за претстојната ни европеизација. Сите се колнеме во Европа, Европската Унија од уста не ја вадиме. ЕУ ова, ЕУ она, па натпревар кој од кого е поголем европјанин, па тресење зелени што е тоа европеизација… и така без крај. А се знае кај ќе ни биде крајот, ако продолжиме вака да се европеизираме! Декларативно да се европеизираме. А најинтересно за европскиве дипломати, тука во земјава, е нашиот обид да одглумиме европеизирани граѓани, да поминеме како во турско, низ мала врата или дрвен мост, сите да ги издрибламе и еве не во ЕУ. Па како демек, имаме јак тим што подготвува прегови со ЕУ, а бара датум за нешто што е веќе дадено или договорено.
Прво за датумот, мора да знаеме да се поставиме на „грчки начин“ со нашите ЕУ партнери. Имено, воочи референдумот за името, на официјален состанок на ЕУ, беше јасно заклучено и објавено дека Македонија во јуни 2019 година ги започнува преговорите со ЕУ!!! Не дека ќе чекаме датум за почеток на преговори во јуни 2019 година, туку дека ќе започнеме пристапни преговори. Е сега, тоа што не сме способни да валоризираме таква жртва, таква отстапка, името на државата да го промениме, а да не договориме „привилегии“ за македонската Република, е тоа е тоа, што не не бива како Грците. Да направеа тие таква отстапка, сигурно ќе побараат и Стамбол да им се даде. Ама ние, така затетеравени, изгубени во меѓусебната омраза и препукување на линија власт – опозиција и обратно, поважно е за едните да не започнеме, а за другите дека само што не сме добиле датум. А пак овие моиве, жал да те фати, се запнале дека ќе немало датум за почеток на преговори. Алооо, дами и господа од сите страни, на Македонија не и треба датум за почеток на преговори!!! Тоа го имаме, јуни 2019 година.
На Македонија и треба почеток на преговорите во јуни 2019 година!!! И не треба да се ситиме дали ќе имаме или не датум, туку да засукаме сите заедно ракави, и во еден глас да извикаме, почитувани дами и господа од Европа, ние бараме итно и неодложно започнување на пристапни преговори со Вас, во јуни 2019 година! Тоа е ветено на нас и бараме да биде исполнето! Тоа е и во Ваш интерес, европјани! Доколку тоа не се случи, европската иницијатива во земјава ќе биде буквално масакрирана. Евроскептицизмот ќе порасне до такви шизофрени граници, што секој нормален ќе ја напушти земјава. Ако одлагате, само ќе добиете дополнителни половина милион мигранти, со потекло од Македонија. Најмалку!
Последиците внатре во Македонија ќе бидат несогледливи. Политичарите, кои по обичај не го водат народот, туку обратно, го следат расположението, ќе започнат да проповедаат отворено антиевропско расположение. Тие и сега тоа го прават, ама страмежливо. Е, после јуни 2019 година, ако не се исполни европското ветување, тогаш тоа ќе го прават горди на себе. Промоторите на европските вредности и евроинтеграцијата како единствена алтернатива, ќе се сведиме на маргинална група десперадоси, кои останале да веруваат на европските лаги со опашки!
Оставете ги Гордана и Стево, да ги теши Блерим дека се Македонци, оставете го Реизот да лупа зелени по нарачка од северо – исток, оставете ги да се занимаваат со југото и кавалот, одозгора со дадилката. Вие политичките лидери на земјава, направете итна лидерска координација, заедно заминете итно по европските престолнини, и јасно и недвосмислено, во еден глас, кажете го тоа што го бара Македонија од Европа, а тоа е ние го направивме нашето, сега Вие направете го Вашето! Во спротивно, не само Македонија, туку и ЕУ ќе трпи далекусежни последици од погрешната порака која ќе се испрати, за одлагање на проширувањето на ЕУ. Тогаш ќе имате повторно проблем со балканското буре барут! А овие, наши тројца драги кандидати за претседател на Републиката, нека си тераат кампања, како знаат и умеат, со или без гафови, битно ние ќе излеземе на гласање и еден ќе избериме. Тоа е најважно, да имаме, да направиме избор. Па кој ќе биде, воопшто не е важно. Треба еден да биде, за да ја спасиме земјава од нова длабока политичка криза! Ако влеземе во таков циклус, е тек тогаш, не почеток на преговори, не датум за почеток на преговори, туку воопшто ЕУ, само ќе ја сонуваме. Најмалку следниве 20 години. А истите тие дваесет години ќе си останеме Северна!!! Тука да немате дилеми, умот да не Ве лаже, кандидативе драги да не Ве лажат, има да си мрзнеме во севернава ни Република, без европско сонце да не грее. Па ни зората ќе дојде, ниту сонце ќе видиме, ниту жив Македонец ќе остане по пустелијава. Најжално е што и нашите деца, живот нема да видат. Каде ние пораснавме и остаревме во транзиција, уште тој пораз ни фали, и нашите деца да пораснат и остарат во транзиција. А зошто?!? За пуст македонски инат!!!
Сега за декларативната европеизација.
Тоа е можеби најголемиот фактор, зошто европјаниве бегаат од мислата да започнат прегови со нас. Зошто да си нарушат мирот и стабилноста, со типови, кои се колнат во ЕУ, ама ако може ништо од ЕУ да не практикуваат. Ако може се да помине со импровизации, без имплементирање на вистинските европски стандарди и вредности. За се да се заобиколи нужното, а тоа се длабоки, темелни рефоми на секоја пора на нашата држава и општество. За се да се измислат хибридни решенија, кои сами по себе се негирање, се антипод на европеизацијата. Тука веднаш мислам на драгиот ни попис на населението во 2020 година, целосно европеизиран по ЕВРОСТАТ, ама нема ништо европско во него. Се знае, пусто МакедонЧе, и тука ако може со хибрид да помине. Па демек Албанците притискале, па сме морале така… бабини деветини! Ништо не мораме! Не дали притискале Албанците, не дали Петко или Трајко се лутел, се е тоа бабини деветини. Ако Албанците се толку посветени на европската интеграција на земјава, први тие ќе застанат против попис, кој е спротивен на секоја нормална европска процедура. Нема „високите ни функционери“ да не замајуваат со игри на зборови, за некои си комбинирани методи, како ние трева да пасеме, туку ќе седнат и еднаш ќе објават, од сега работиме на европеизација и ништо нема да направиме спротивно на европските практики и стандарди. Па кој сакал нека се лути! Или се европеизираме или не! До пола не може!!! Не може!!! Декларативна европеизација не може!!! Не може!!! Не е до мене, едностано тоа не поминува во ЕУ! Нема да почнеме преговори, зашто оние од ЕУ знаат дека сакаме да ги превариме, дека сакаме само декларативно да се европеизираме. Односно, да си останеме балканци сокриени во европска кожа. Е така почитувани пријатели, не може! Грците најдобро знаат како може. Да научиме барем една грчка лекција, за да ни тргне работава! А и бугарска можам да Ви препорачам.
На сам крај, за киднаперите на европеизацијата. Се запнале, како магаре на мост, европеизација е екстремен либерализам, па морате ова, па морате она, па ќе прифатите вака… абе луѓе, кого го правите будала?!? Кого?!? Па токму таа Европа, децении наназад ја управуваат конзервативци, десничари… екстремните либерали и не ги забележуваат! Па токму Европската Народна Партија е чадор на десницата, низ сите земји на Европа. Токму тие владеат со Европа. Токму тие промовираат христијан – демократски концепт за иднината на Европа. Како тоа, ако сме сакале да се европеизираме, сме морале да се екстремно либерализираме?!? Повторно бабини деветини! Токму ова е причина плус, ние десничарите да притискаме дупло посилно од левичарите, да започнеме преговори со ЕУ. А не да запаѓаме во смешен популизам и да се радуваме дека ќе немало преговори. Па со тоа си бегаме самите од себе си и од своите!
Почитувани, или вистински ќе се европеизираме или воопшто да не се обидуваме и да не почнуваме. Зашто како сме тргнале, ќе си бидеме провинција и онака, ама не европска, ами грчка провинција!
*Објавено во Вечер




