Пратениците од владејачкото мнозинство денеска не ја прифатија предлог-одлуката на опозицијата за разрешување на претседателот на Собранието Трајко Вељаноски.
Вељаноски предложи барањето на опозицијата да биде ставено на дневен ред на денешната 75. седница, но на предлог на пратеникот Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ тоа не беше прифатено.
– Иницијативата на СДСМ е неоснована и не се однесува на ниту еден аспект од работата на Собранието. Собранието ниту може, ниту смее да се меша во надлежностите на независната судска власт, посебно не би смееле да се произнесуваме и да даваме свои ставови за судски или пак за истражни постапки кои се во тек. Тоа би било груб начин на притисок врз одлуките и постапувањето на судските органи, изјави Димовски.
За координаторот на пратеничката група на СДСМ Игор Ивановски тој којшто бега и оневозможува дебата покажува дека нема аргументи. Тој повтори дека Вељановски и владејачкото мнозинство се ставиле над Уставот.




