Летот во место во процесот на европските интеграции станува неподнослив. Очекувано, во ваква ситуација сведочиме на уназадување на демократските процеси. Овој ретрограден процес започна да ги разградува и институциите како што е Собранието, кое би требало да биде последната и најсилна линија на отпорот за сите антидемократски тенденции. Настаните од 24 декември се само една од манифестациите на очекуваната ескалација на состојбите. Доколу продолжи очајното летање во место, 24 Декември ќе биде само една од епизода од долг серијал кој ќе заврши со смртта на една убава идеја за европска и просперитетна Македонија.
Ниту власта, а ниту пак, опозицијата, очигледно немаат идеја што со Македонија. Нивните креативност и инвентивност се исцрпија во борбите за остварување на теснопартиските интерес. Во автократските структури на партиските елити протокот на идеи е одамна запрен. А отсуството на нови идеи и вредности ја зголемува несигурноста на партските врхушки кои единствен спас гледаат во агресивната медиска пропаганда која добива се поапсурнди дименизии .
Македонија е млада и мала држава со ограничени човечки ресурси. Сепак, не е дека на Македонија и фалат луѓе со идеи, познавања и вештини; луѓе кои сакаат да помогнат државата да застане на нозе и да обезбеди благосостојба и просперитет за сите граѓани на Македонија. Сретнав многу вакви луѓе. Со некои имав чест лично да се запознаам, a со некои се запознав преку нивните објави на маргините на медиумската сцена. За нив на водечките медиуми повеќе нема ниту една слободна секунда. Секој еден фрејм е окупиран од партиската пропаганда и фамозните владини кампањи. Просторот за овие луѓе е уште потесен и помал во инстутуциите во кои се вгнездени лицата лија мисија е да слепо да ги следат партиските интереси.
Затоа ја правиме НОВА. Свесни сме, со оглед на можностите со кои располагаме и условите во кои работиме, дека и овој медиум ќе се позиционира на маргините. Но, ако маргината е местото каде што институциите сметаат дека треба да бидат креативните, тогаш ние позицијата на маргиналци ќе ја прифатиме како коплимент. Во секој случај, на маргината станува се поголема гужва од вакви како нас. Колку повеќе – толку помоќни и со повеќе шанси да ја извлечеме државава од заложништвото во кое предолог ја држат “моќните”.
Драги маргиналци, дозволете ни да ви се придружиме. НОВА е за Вас и вашите идеи. Повелете ќе споделуваме , дебатираме, размислуваме, откриваме, да кршиме табуа. Но, не за да заземеме нечии места во мејнстримот, туку да му помогнеме да ја спаси земјата. Оти и тие самите знаат дека бездарноста на мејнстримот историјата нема да ја прости!